Градоначалникот нa Центар парично ги награди хигиеничарите кои ги чистеа купиштата ѓубре
Благодарност и награден бонус им додели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски на хигиеничарите од комуналната служба на ЈП „ПОЦ“.
Вчера од раните утрински часови над 50 вработени беа ангажирани да ги чистат купиштата ѓубре во сите општини во Центар поради не функционалноста на градското претпријатие ЈП „Комунална хигиена“.
„Чест и задоволство за секој градоначалник е вработените во општинските претпријатија да бидат пример за успешно работење. Со вашата посветеност во работењето вие ја издигнавте Општина Центар на највисокото место. Со вашиот целодневен труд покажавте дека сакате чист Центар и дека нашата општина може да биде чиста доколку имаме повеќе механизација и желба за работа. Искрено ви се заблагодарувам и го вреднувам тоа што го работите“, рече Герасимовски пред вработените.
Со целата механизација и дополнителна надворешна опрема меѓу која и голем камион за кревање на контејнери вчера во две смени работеа повеќе од 50 вработени хигиеничари од комуналната служба во ЈП „ПОЦ“. Ги празнеа контејнерите и ги миеја улиците од непријатната миризба од купиштата ѓубре во сите населби во општината. По алармот на граѓаните дека комуналното градско претпријатие не ги празни кантите со денови, градоначалникот Герасимовски прв најави самоиницијативно чистење во општината, се истакнува во информацијата од општината.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа