ОН гласаат за резолуцијата за геноцидот во Сребреница
Попладнево во Њујорк, Генералното собрание на ОН треба да гласа за предложената резолуција со која се бара прогласување на 11 јули за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.
Србија силно се спротивставува на ова и започна голема дипломатска офанзива против резолуцијата.
Десетина земји се очекува да гласаат против резолуцијата, додека неколку десетици членки на ОН се воздржани од гласање поради српската дипломатска офанзива, особено меѓу неврзаните земји, според дипломатски извори, пренесува словенечката новинска агенција СТА.
Предлогот за резолуција за едно од најголемите злосторства во Европа по Втората светска војна, меѓу другото, го осудува негирањето на геноцидот и глорификацијата на осудените за воени злосторства.
Србија и Република Српска, во која доминираат босанските Срби, постојано негираа дека се случил геноцид во Сребреница.
Резолуцијата ја предложија Германија и Руанда. Текстот беше спонзориран од уште 34 земји, вклучувајќи ги сите поранешни југословенски републики, освен Србија и Црна Гора.
Во средата Собранието на Република Српска усвои соопштение во кое протестира против резолуцијата, а претседателот на тој ентитет Милорад Додик на мрежата „Икс“ напиша дека усвојувањето на резолуцијата ќе предизвика непоправлива штета, што ќе значи крај на Босна и Херцеговина.
Тој се заканува дека Република Српска ќе се одвои од Босна доколку резолуцијата биде усвоена.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, со благослов на патријархот на СПЦ, пред гласањето отиде во Њујорк, каде што продолжува да лобира против резолуцијата, објави Радио Слободна Европа.
„Ќе одам во Њујорк затоа што некој треба да им даде одговор на оние кои сакаат да ја обвинат Србија дека е геноцидна нација“, рече Вучиќ минатата недела.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа