Германија е во длабока економска криза: Индустриското лоби е загрижено
Германија е во длабока економска криза, соопшти германското индустриско здружение BDI, предвидувајќи пад на бруто домашниот производ од 0,1 отсто во 2025 година, пишува Ројтерс.
Падот во 2025 година би означил првпат по обединувањето на Германија, дека земјата е во рецесија три последователни години.
Додека најголемата европска економија бележи пад, еврозоната ќе порасне за 1,1%, а глобалната за 3,2%, според BDI, што значи дека Германија ќе остане една од економски заостанатите земји во монетарната унија.
„Ситуацијата е многу сериозна: индустрискиот раст, особено, претрпе структурен прекин“, рече претседателот на BDI, Петер Лајбингер во Берлин.
Економската криза не е само последица на пандемијата и руската инвазија на Украина, рече тој.
Проблемите се од домашна природа и се резултат на структурна слабост која постои од 2018 година, а која владите не можеа да ја решат, посочи Лајбингер.
„Итно се потребни јавни инвестиции во модерна инфраструктура, трансформација и отпорност на нашата економија“, рече Лајбингер, повикувајќи и на намалување на бирократијата, пониски цени на енергијата и јасна стратегија за зајакнување на германскиот иновациски и истражувачки сектор.
Зборувајќи за Брисел, Лајбингер ја нагласи важноста Германија повторно да преземе сигурна лидерска улога и Европа да стане стратешки понезависна.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа