Германците маршираат за мир во Украина


Низ Германија денеска почнаа традиционалните велигденски мировни маршеви со кои се бара прекин на војната во Украина и во Појасот Газа, додека германскиот канцелар уште еднаш повикува на континуирана поддршка за Киев.

„Многу граѓани веќе не веруваат дека ставот на германската влада кога станува збор за војната во Украина е правилен“, изјави Кристијан Гола, портпарол на мрежата за соработка за мир, која ги организира т.н. Велигденски маршеви.

Тој посочи дека има се помалку подготвеност за решение засновано на се посилна поддршка за Украина во однос на вооружувањето. Гола ја спомена и можноста за целосно отсуство на испорака на оружје од САД, по евентуалното доаѓање на Доналд Трамп на власт по изборите во ноември.

„Западот треба итно да почне да размислува за дипломатски чекори пред дополнително да се влоши ситуацијата за граѓаните во воената зона“, рече Гола. Во бројни градови низ Германија, граѓаните почнаа да се собираат денеска напладне на околу седумдесет мировни поворки. Маршовите треба да траат до Велигденски понеделник.

Во својата велигденска видео порака, германскиот канцелар Олаф Шолц денеска уште еднаш повика на поддршка за Украина.

„Сите сакаме мир во светот. Но, мирот без правда не значи ништо друго освен угнетување“, рече Шолц во својата порака.

И затоа, како што продолжи, Германија одлучно, но внимателно ја поддржува Украина во нејзината борба за праведен мир.

„Предуслов за мир е правдата да ја победи агресијата“, вели Шолц, а на крајот од пораката на граѓаните на Германија им го честита Велигден.

Велигденските маршеви започнаа во Германија на крајот на 1950-тите и беа главно насочени против нуклеарното оружје.

30.03.2024 - 15:43

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега