Герасимовски: На Меѓународниот ден на поезијата го славиме поетското дело на великанот Петре М. Андреевски
По повод Денот на поезијата – 21 март, Општина Центар и Здружението Форум за човекови права-Скопје, заеднички го реализираа проектот „Омаж за Петре М. Андреевски по повод 90 години од раѓањето – Расветлување на неговиот животопис и творечки опус“. Проектот е во рамки на Конкурсот на Општина Центар од областа на културата.
Денот на поезијата е од особено значење не само за поетите, туку е празник и за читателите. Читателската публика, како љубител на поезијата на М. Андреевски, која претставува уметност од зборови. Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски истакна дека делата на Петре М. Андреевски се дел и од колективната меморија на граѓаните.
„Денеска го славиме Светскиот Ден на поезијата. Но, во исто време годинава чествуваме 90 години од раѓањето на великанот на македонското литературно творештво, Петре М. Андреевски. Неговите песни, романи, драми сме ги прочитале милион пати. Тие станаа дел од нашата колективна меморија. Стиховите и мислите на Андреевски се автентични и длабоко македонски. Неговите дијалози ги кажуваат безвременските вистини за тоа кои сме и што сме. Мали а во исто време големи! Ранливи а во исто време непокорни и неуништливи! Пркосниот Пиреј, безвременската Дениција, исконската Касни Порасни, се мојот омилен избор кога зборувам за Андреевски. Тоа се дела со кои пораснав, од кои многу научив и на кои постојано се навраќам. Голема чест ми е што токму денеска на овој ден посветен на поезијата се потсетивме на големиот македонски автор“ истакна Герасимовски
На настанот беше прикажан документарниот видео запис во чест на Петре М. Андреевски кој важи за еден од најпопуларните македонски поети и раскажувачи на сите времиња, романописец, есеист и драмски автор чии дела претставуваат вистински аманет за македонското творештво.
Во документарните записи беа прикажани архивски видео записи од самиот Петре М. Андреевски, видео инсерти во кои се говори за неговиот живот и творечки опус од членови на семејството, ќерката Деница Андреевска Богданова и од неговите современици: Матеја Матевски, Мирче Нешовски, Цветан Враживирски.
За значењето и придонесот на неговото поетско дело свои обраќања покрај градоначалникот Герасимовски имаа и проф. д-р Кристина Николовска, редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Дел од неговите дела и денеска издавачка куќа Три ги изложи на настанот.
Музичка преработка со уметнички призвук во интерпретација на Џина Папас Џокси предизвика воодушевување, како спој од стиховите на песна од збирката поезија „Дениција“ на Петре М. Андреевски. Во негова чест вечерва во Музејот на Македонската борба за самостојност ќе биде одржана Манифестација “Моќта на поезијата” организирана од Здружението на пензионери на Општина Центар и Здружението на просветни работници на Град Скопје.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа