Герасимовски: Градежниците да ги почитуваат прописите, ги засилуваме контролите на терен

 

Придружуван од општинските служби, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, направи обиколка на неколку градилишта во општината. Општина Центар спроведува зачестени инспекциски контроли, со цел директен увид во изведувањето на градежните работи и почитувањето на законските прописи.

„Иако имаат уредна документација за градба, по зачестените контроли на терен увидовме дека не се почиутваат законските прописи на повеќе градилишта. Поради тие причини, на моја лична иницијатива, формиравме и нова комисија и тројно ги зголемивме инспекциските контроли. Новата комисија ќе врши целосен увид на градежните работи на активните градилишта и ќе контролира дивоградби. Тие ќе бидат одговорни да следат точно што се случува на терен, од почнување на градбата до нивно завршување. Мојата цел е во Општина Центар да има хумана урбанизација со почитување на законите. Неуморно работам да го одржам ветувањето пред граѓаните“, вели Герасимовски.

Покрај контролите за дивоградби и за одвивање на градежните зафати кај легалните објекти со одобренија за градба, комуналните инспектори од Општина Центар изминатите неколку недели спроведуваа контроли согласно Законот за јавна чистота. На терен изведувачите се информираат за насоката градежните објекти да не вклучуваат во сообраќај моторни возила со валкани тркала, да не оставаат градежен шут, отпад и градежен материјал, освен на места определени за таа намена и да не се пали и уништува смет. Инспекцијата апелира и граѓаните да се воздржат од палеље на огнови на отворено за греење на работниците. Сите возила што излегуваат од градилиштата мора да имаат чисти и измиени тркала и да се покриени со церади, поради контрола на прашината.

Според извештаите од комуналната инспекција, известени и контролирани се околу 20 градилишта, утврдени се неколку неправилности и санкционирани се превозници со валкани тркала. Извршени се повеќе вонредни надзори по пријави од граѓани, при што се изречени 3 глоби на правни лица и одговорни лица, во вредност од по 1.300 евра за оставање градежен шут на јавни површини и неизградено градежно земјиште во приватна сопственост.

07.04.2023 - 10:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега