Герасимовски: 44 медали за учениците од Песталоци на Детската олимпијада во знаење
Општина Центар е горда на 6-те ученици Максим Танески, Андрија Крстиќ, Петар Калкашлиев, Корнелија Паниан, Калина Чакаровска и Ангела Ристеска од ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ кои освоија 44 медали на престижната Детската олимпијада во знаење која се одржа во Лондон.
Пред градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ги споделија искуствата, среќата и импресиите од престојот во Лондон, а тој им честиташе и им посака, мудроста, бистрината и желбата за нови знаења да ја негуваат за да достигнуваат уште повисоки цели и личен развој.
„Да се вратите со 44 медали за знаења од различни области меѓу 1200 деца од цел свет, е навистина импресивно. Вие сте ни гордоста и среќата. Вие сте ни инспирацијата и потврдата дека успесите не стигнуваат само кај големите држави. Бидете полни знаења, радувајте се на сопствените успеси и целите кон повисоки достигнувања. Бидете пример и помагајте им на другите ученици со слични амбиции. Ние сме зад вас да ве подржуваме, помагаме и бидеме ваша поткрепа“, рече Герасимовски на средбата со учениците.
Инаку, учениците во два тима се натпреваруваа во Глобалната рунда на Детската олимпијада во знаење т.н. World Scholars Cup на различни теми од наука до поезија, меѓу 1200 ученици од целиот свет од 26 до 31 јули. Во Лондон и двата тима се квалификуваа за турнирот на шампиони на Универзитетот „Јеил“, а со освоени 15 медали најуспешен беше ученикот Андрија Крстиќ.
Општина Центар и градоначалникот Герасимовски ќе продолжат и да ги поддржуваат и да им даваат помош на сите талентирани ученици. Герасимовски ги охрабри учениците и им рече дека тие се доказ дека со голема желба, упорност и работа сепак се освојуваат и недостижните врвови.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа