Гаши се сретна со новата холандска амбасадорка

 


Досегашната соработка меѓу двете земји, како и нејзино продолжување и интензивирање биле тема на разговор на денешната средба во Скопје меѓу претседателот на Собранието Африм Гаши и новата амбасадорка на Кралството Холандија во земјава, Узлем Џенел.

Претседателот на Собранието, како што информира собраниската прес-служба, се заблагодарил за силната поддршка од Холандија за спроведување на реформите, пред се во сферата на владеење на правото, а во насока на остварување на стратегиската цел на земјава за полноправно членство во Европската Унија.

- Претседателот Гаши истакна дека Северна Македонија останува силно посветена на европската агенда, потенцирајќи дека на тој пат е бесценета поддршката од нашите партнери, вклучително со Холандија, како поддржувач на процесот на проширување за земјите кои ги исполнуваат условите, информираа од Собранието.

На средбата биле разменети и мислења за можностите за продлабочување на парламентарната соработка меѓу двете земји, за конституирање на Советот за граѓански надзор и за потребата од јакнење на политичкиот дијалог во законодавниот дом, а спикерот Гаши се осврна и на соработката со Холандија во рамки на НАТО и во други меѓународни организации.

02.09.2024 - 16:52

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега