(ФОТО) Надлежните служби на терен - го чистат градот Велес по силното невреме

По денешното силно невреме во Велес проследено со грмотевици и обилни дождови, надлежните екипи на ЈКП Дервен, излегоа на терен и ги расчистуваат улиците од наноси на земја и кал.

-По попладневното невреме што го зафати градот, екипи на ЈКП Дервен се на терен и ги расчистуваат улиците од наноси на земја и кал, информираа службите на социјалната мрежа Фејсбук.

По невремето проследено со силен и обилен дожд, а и силни грмотевици, улиците во центарот на градот наликуваа на езера. Водата што се слеа од ридовите околу градот создаде реки на коловозот и повеќе минути го парализираше сообраќајот.

Возилата се движеа со намалена брзина.

За хаосот којшто се случи во градот реагираа и од СДСМ Велес на социјалните мрежи, обвинувајки ги, таткото на градот, Марко Колев и ЈКП Дервен дека биле, како што кажаа, директно одговорни за оваа состојба, во која се најде градот.

„Градоначалникот Колев и директорот на ЈКП ДЕРВЕН се директно одговорни за оваа состојба. Неодржувањето на атмосферската канализација, раскопаните улици низ градот, ненавремената реализација на реконструкција на патната инфраструктура, неодржувањето на улиците во градот доведе до целосен застој на движењето.

Јавно ги повикуваме и Колев и Наунчев веднаш да реагираат како би можело да се обезбедат услови за нормално движење низ градот. Потребни се конкретни активности на терен, а не фалење со туѓи проекти по социјалните мрежи“, стои во објавата на СДСМ Велес.

Досега, со официјален став или коментар се немаат огласено од општината, ниту од ВМРО-ДПМНЕ Велес за да одговорат на обвинувањата на владејачката партија. 

Во текот на утрешниот ден се очекува земјоделците да ги пријавуваат штетите предизвикани од невремето.

25.05.2023 - 19:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега