Филипче: Владата ги закочи интеграциите и сега се отвораат прашања кои претходно беа затворени

 

Владата го закочи напредокот кон ЕУ и сега ни се отвораат прашања кои претходно беа затворени, рече опозицискиот лидер Филипче по средбата со еврокомесарката Марта Кос.

„Оваа средба е доказ за континуираната и искрена поддршка која што Европската Унија ја дава на земјава на патот до конечната цел членство во Унијата. Дозволете да кажам дека СДСМ останува целосно посветен на евроинтегративниот процес.

Сметаме дека тоа е единствениот начин на којшто земјата ќе ги зајакне капацитетите, институциите и граѓаните ќе имаат подобра економска положба, ќе има вистинска реформа на правниот систем и младите тука ќе можат да бараат иднината поради тоа што ќе имаат многу повеќе можности од тоа што имаат сега.

Жалам што во изминатата година има стагнација на тој пат. Некако отсуствуваа и стратегија и политички дијалог и за жал се отвораат затворени прашања. Во таа смисла побарав поддршка од еврокомесарката и од неа лично и од сите европски институции да се откочи нашиот евроинтегративен пат и сакам да порачам дека ова не е време ниту за калкулации, ниту за тесно и ситно партиски интереси.

Ова е време во кое што секоја една партија треба да даде сè од себе да продолжиме по патот на евроинтеграција, да се отворат поглавјата  од преговорите, поради тоа што граѓаните тоа го очекуваат од нас, а и јас лично и СДСМ остануваме силни промотори на европската идеја кај нас.“ – рече Филипче.

 

01.07.2025 - 14:12

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега