ФФМ со реакција: Однесувањето на албанскиот репрезентативец е неприфатливо и спротивно на основните вредности на спортскиот дух

Фудбалската федерација на Македонија излезе со реакција во врска со однесувањето на албанскиот репрезентативец, Мирлит Даку.

Ја изразуваме нашата длабока загриженост и недвосмислена осуда во врска со националистички скандирања од Мирлит Даку, репрезентативец на Албанија, насочени против македонската држава по завршување на вчерашниот натпревар Хрватска - Албанија од Европското првенство, велат од ФФМ.

„Однесувањето е неприфатливо и спротивно на основните вредности на спортскиот дух и меѓусебното почитување што ги промовира фудбалот.

Спортот, особено фудбалот е основа за здржување на луѓето од различна национална припадност и средина за соработка и почит.

Националистичката реторика, сепак, ги поткопува овие принципи, поттикнувајќи поделба и непријателство меѓу навивачите и општествата.

Принципите на политичка неутралност се вградени во регулативите на меѓународните асоцијации како што се ФИФА и УЕФА. Фудбалската федерација на Македонија за ваквото скандалозно однесување ќе прати официјален допис до УЕФА.

Го повикуваме фудбалерот на Албанија, Мирлит Даку јавно да се извини за своето однесување, препознавајќи ја штетата што ја предизвика.

Исто така, ги повикуваме релевантните институции да го истражат овој инцидент и да преземат соодветни дисциплински мерки за зајакнување на стандардите на однесување што се очекуваат од сите спортисти.

Нашата посветеност за промовирање единство, почит и фер игра во спортот останува на прво место“, стои во реакцијата на ФФМ.

20.06.2024 - 11:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега