Фероинвест: Се соочуваме со медиумско-бизнис напад
Холдингот Фероинвест е изложен на медиумски атакувања кои за резултат имаат бизнис последици, обвинуваат од компанијата.
-Порталот ИРЛ најави нова емисија за нашата компанија БРАКО и за модуларните болници кои БРАКО ги изгради во најголемата здравствена криза за прием на инфицирани лица за кои државата немаше простор, за што сите домашни и странски надлежни институции утврдија дека нема никаков пропуст. По случајот на клевета во телевизиска емисија во која ИРЛ не ја бараше страната на проф. д-р Кочо Анѓушев, во која изнесоа лаги и клевети, и за која е во тек судски процес против ИРЛ, наведениот субјект сега побарува интервју за нова емисија, на кое барање е одговорено негативно, поради, за нас сомнителни побуди, кои е можно да стојат зад овие активности, велат од компанијата.
Според Фероинвест, по секоја од серијата написи за компаниите на Анѓушев, компании се нудат да откупат удели.
-Имено, после секоја од серијата нивни крајно невистинити, тенденциозни и манипулативни емисии и написи за компаниите на Кочо Анѓушев, кон холдингот пристапуваат т.н.добронамерни помагатели и фирми од соодветните области од кои била емисијата, кои нудат да откупат удели и да обезбедат поголема заштита за компанијата. На истите од наша страна им се пружа одговор дека компанијата не е на продажба и немаме потреба да прифаќаме и плаќаме за било каков вид на помош. По повеќето такви случаи настанати во текот на изминатата година, иако не сакаме, сепак се наметнува неопходност јавно да го поставиме прашањето пред целата македонска јавност: зошто постојано се на мета само компании во сопственост на македонски бизнисмени? Дали пораката е дека македонскиот ментален склоп е криминоген? Која е целта на поставувањето камери и новинари околу зградата на ФЕРОИНВЕСТ, кои ги демнат вработените и нашите деловни партнери? Зошто се напаѓаат фирми кои вработуваат илјадници луѓе, кои работат според законите и кои плаќаат даноци на оваа држава, а никој не се занимава со богатствата за кои нема доказ за потекло на имот, ниту даночна пријава? Дали ние треба да бидеме купени од некој друг?, се вели во дописот од компанијата.
Фероинвест бара од финансиерите на ИРЛ да преиспитаат дали вреди да ги поддржуваат.
-Ние го поддржуваме истражувачкото новинарство, но тоа кое дава вредност во општеството, а не тоа кое се служи со инсинуации, фабрикувани информации и манипулации, вклучително и прикажувањето на нивните автори во улога на лажни жртви, додека вистински се жртвите на нивните напади- фирмите и луѓето кои работат во нив. Ги повикуваме финансиерите на овој портал, кои порталот ги прикажува како свои поддржувачи, да проценат дали вреди да ги поддржуваат овие појави, од кои се дистанцира професионалната медиумска фела, и дали стојат зад нивните текстови и зад атаците кон македонскиот бизнис и бизнис личности, се вели во соопштението.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа