ФБИ собира докази за воени злосторства во Украина

 

 

Украина соработува со американското Федерално биро за истраги (ФБИ) и со американски компании за собирање докази за воени злосторства извршени од руските трупи како што се геолокација и информации за мобилните телефони, пренесува „Њујорк пост“.

Украинските власти собираат дигитални информации од боиштата и од украинските градови опустошени од војната откако Русија ја нападна земјата минатиот февруари, вели Алекс Кобзанец, специјален агент на ФБИ кој претходно работел како правен аташе за агенцијата во Украина.

„Собирањето на тие податоци, анализата на тие податоци, работењето преку тие податоци е нешто за што ФБИ има искуство,“ истакна Кобзанец на конференцијата за сајбер безбедност на РСА во Сан Франциско.

Таа работа вклучува анализа на информации од мобилните телефони, форензички анализи на примероци од ДНК, како и анализа на делови од телата собрани надвор од боиштата, објаснува тој.

„Следниот чекор е соработка со националните американски даватели на услуги и пренесување на тие информации…добивање информации за претплатниците, добивање информации за геолокација каде што е можно“, додава Кобзанец.

Работата на терен го одразува продлабочувањето на соработката меѓу САД и Украина на сајбер фронтот, каде Русија е заеднички противник на двете нации.

Руската влада не го коментира развојот на настаните.

Кобзанец вели дека ФБИ во изминатата година и пол работи на помагање на Украина да ги идентификува и руските соработници и шпиони кои дејствуваат во Украина и руските сили кои дејствувале надвор од Киев додека се одвивала инвазијата.

Американските безбедносни компании и официјални лица се главен партнер на Украина во нејзините напори да се одбрани од руските сајбер-напади, против кои таа се бори уште од 2015 година.

Илија Витиук, шеф на Одделот за сајбер-информациска безбедност во Службата за безбедност на Украина, вели дека иако бројот на руски напади против Украина се зголемил во последните неколку години, тие станале потаргетирани во последните неколку месеци.

„Многу е тешко да се докаже кој е одговорен за некое кривично дело “, истакнува Витиук.

„За нас е многу важно да добиеме што повеќе информации за руските сајбер криминалци…бидејќи ги собираме сите овие информации и ги поврзуваме со кривичните случаи што се отворени. Веруваме дека овој случај за сајбер воени злосторства е нешто ново. Тука ја видовме првата сајбер војна во полн ек,“ додава тој.

26.04.2023 - 11:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега