ЕУ инвестира 1,5 милиони евра за подобрување на квалитетот на воздухот во Македонија
Со поддршка на ЕУ ИПА 2-програмата во номври 2024 година почната е имплементацијата на проект со кој ќе се доусогласува законската рамка за квалитетот на воздухот со европските регулативи, објави Министерството за животна средина и просторно планирање.
Во рамките на двегодишниот проект за кој Европската Унија обезбеди средства во висина од 1,5 милион евра целосно ќе се транспонираат европските директиви (2008/50/EC, 2004/107/EC и 2016/2284/EC) во националното законодавство, односно ќе се докомплетира законската легислатива за воздухот.
Во согласност со директивите ќе се изработи комплетно нов закон за квалитет на амбиенталниот воздух и повеќе подзаконски акти, односно правилници што ќе ги следат барањата на ЕУ-директивите, и со тоа ќе се обезбеди поголема уреденост на оваа област. Исто така, ќе се подготват и планови за имплементација на директивите за квалитет на воздухот, со вклучени фискални импликации за нивно спроведување.
Во рамките на проектот ќе се изработат националните плански документи за заштита на амбиенталниот воздух, што произлегуваат од Законот за квалитет на амбиенталниот воздух, во кои ќе се дефинираат и приоретизираат мерките за подобрување на квалитетот на воздухот во соработка со надлежните институции.
Во исто време ќе се работи на подобрување на националниот инвентар за емисии во воздухот и подготовка и спроведување план за мониторинг на тешки метали, полициклини ароматични јаглеводороди и испарливи органски сооединенија. Во согласност со зголемениот обем на мерења, ќе се воспостават зони и агломерации за овие супстанции.
Во исто време, ќе се работи и на зајакнување на административните капацитети за нивно спроведување и со тоа подобрување на квалитетот на воздухот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа