Ескалација меѓу Турција и Ерменија: Анкара го затвори воздушниот простор за Ереван
Турција го затвори воздушниот простор за ерменските авиони што летаат кон трети земји, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, пренесува „Ројтерс“.
„Го затворивме воздушниот простор на Ерменија за летови кон трети земји. Ќе пуштиме авиони во нашата земја ако постои потреба, но нема да дозволиме авиони и приватни авиони да минуваат низ нашиот простор сè додека има провокации (Ерменија против Турција и Азербејџан). Ако не ги прекинат, ќе преземеме други мерки“, рече тој.
Турскиот министер посочи дека причина за затворањето на воздушниот простор е откривањето на споменикот на хероите од операцијата „Немезис“ во Ереван, чија цел била да го убијат лидерот на Младотурците, кој го организира ерменскиот геноцид во Отоманската Империја.
Анкара го нарече откривањето на споменикот провокација, а Чавушоглу се закани дека ќе преземе и други чекори ако продолжат ваквите дејства на Ерменија.
„Турција може да забрани дури и ВИП-летови“, предупреди тој.
Претходно викендов, како што објави „Араб викли“, Анкара без никаква најава и образложение ѝ ја поништи претходно издадената дозвола за оперирање на нискобуџетската авиокомпанија „Фјалуан Ерменија“ за летови кон Европа преку турскиот воздушен простор.
„Фјалуан Ерменија“, подружница на молдавската авиокомпанија „Флајуан“, почна со работа во декември 2021 година.
Во февруари годинава претседателот на „Флајуан“, Арам Ананјан, најави дека авиокомпанијата има пет авиони „ербас“ и дека нуди летови до 14 дестинации во осум европски и блискоисточни држави.
Анкара немаше никакви дипломатски ни трговски врски со Ерменија од ’90-те години на минатиот век.
Двете нации се во спор првенствено во врска со убиството на речиси 1,5 милион луѓе за кои Ерменија тврди дека биле убиени во 1915 година од страна на Отоманската Империја, претходникот на модерна Турција. Ерменија инсистира дека ова претставува геноцид, обвинение што Турција го негира.
Во февруари годинава, граничната порта меѓу соседите беше отворена првпат по 35 години за да се овозможи помош за жртвите од разорните земјотреси во јужна Турција.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа