Ердоган: Ги прекинувам сите контакти со Нетанјаху

 

 

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска изјави дека ги прекинува сите контакти со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поради израелските напади врз Појасот Газа.

Турскиот претседател, кој се сретна со Бенјамин Нетанјаху за прв пат во септември во Њујорк, на 25 октомври изјави дека ги откажува сите планови за патување во Израел, велејќи дека израелскиот премиер го „искористил“.

„Нема да најдете друга земја чија армија се однесува толку нехумано“, истакна тој, осврнувајќи се на одговорот на Израел на крвавиот напад на Хамас на 7 октомври во кој загинаа 1.400 луѓе, главно цивили, на израелската страна.

Министерството за здравство на палестинскиот Хамас во саботата објави дека 9.488 лица, меѓу кои 3.900 деца, загинале во Појасот Газа од почетокот на војната со Израел, кој континуирано ја бомбардира областа.

По острата изјава на Ердоган, Израел на 29 октомври објави дека ги повлекува своите дипломати од Турција. Сепак, на 19 октомври тој ги покани своите дипломати привремено да ја напуштат земјата „од безбедносни причини“.

Ердоган денеска изјави дека Турција не ги прекинува дипломатските односи со Израел. „Не е можен целосен прекин на врските, особено во меѓународната дипломатија“, рече Ердоган.

Тој потсети дека директорот на Турската разузнавачка служба (МИТ) Ибрахим Калин ги предводеше напорите на Турција да ја запре војната преку посредување. „Ибрахим Калин разговара со израелската страна. Се разбира, тој разговара со Палестина и Хамас“, рече Ердоган.

Но, според неговите зборови, Нетанјаху е главниот виновник за конфликтите и „ја изгубил поддршката од своите граѓани“. „Треба да се повлечете и да ставите крај на оваа ситуација“, му порача Ердоган.

04.11.2023 - 14:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега