ЕК им забрани пристап на лобистите на „Хуавеј“ поради истрагата за корупција

 

Европската комисија соопшти дека повеќе нема да дозволува пристап на лобисти од кинескиот технолошки гигант „Хуавеј“, додека во Белгија тече истрага за наводно недозволено влијание на компанијата врз Европскиот парламент.

– Јасно ставивме до знаење дека претставници на ‘Хуавеј’ повеќе немаат пристап до службеници на Комисијата. Не можат да влезат во зградата, изјави денеска портпарол на Комисијата во Брисел, пренесува ДПА.

За здруженија и организации поврзани со „Хуавеј“ ќе се применува диференциран пристап, односно нема целосна забрана, туку секој состанок ќе се оценува поединечно.

-Ако постои и најмал сомнеж дека некоја точка од агендата оди во погрешна насока, состанокот се прекинува. Толку е едноставно, додаде портпаролот.

Тој нагласи дека службениците на Европската комисија имаат доволно капацитет да проценат дали некој состанок со одредено лобистичко тело е поврзан со интересите на „Хуавеј“.

Во можен нов корупциски скандал во Европскиот парламент, белгиското обвинителство подигна обвиненија против осум лица за корупција, перење пари и учество во криминална организација. Во март беа претресени неколку канцеларии во ЕП.

Истрагата е поврзана со наводи дека „Хуавеј“ се обидувал да влијае врз одлуките на Европскиот парламент.

Кинеските технолошки компании, меѓу кои и „Хуавеј“, со години се критикувани поради стравувања дека Пекинг би можел да добие пристап до телекомуникациската инфраструктура на Западот. 

24.04.2025 - 23:06

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега