Драма викендов во Скопје: Му влегол дома со сатар и го киднапирал
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице на возраст од 56 години за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Грабнување според член 141 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопштија од ОЈО Скопје.
На 8 февруари, во населбата Ѓорче Петров, осомничениот извршил грабнување на едно лице со намера со закани по живот да го присили да му го врати долгот, 8.000 денари и мобилен телефон вреден 12.000 денари.
ОЈО информира дека околу 1:30 часот по полноќ, додека оштетениот спиел дома, осомничениот со сатар започнал да ја крши влезната врата, насилно ја отворил и влегол внатре. Со закани дека ќе го убие, го удрил оштетениот со сатарот по главата, градниот кош и грбот, го присилил да се облече и го одвлекол до својот дом. Таму го заклучил и го држел присилно да не избега, постојано заканувајќи му се дека ќе го убие ако не му го врати долгот. Околу 5:30 часот кога осомничениот заспал, грабнатиот ја искористил приликата, го зел клучот и избегал, по што веднаш го пријавил настанот, истакнуваат од ОЈО Скопје.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, одаваат од ОЈО Скопје.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа