Досега 59 убиени и 150 ранети во експлозијата во џамија во Пакистан

 

Најмалку 59 луѓе загинаа а повеќе од 150 други се ранети во понеделникот кога бомбаш самоубиец активирал детонација во преполна џамија во добро утврден полициски комплекс во градот Пешавар на северозападот од Пакистан, соопштија властите во понеделникот вечерта.

Меѓу загинатите 27 се полициски службеници, а многумина од ранетите се во критична состојба, поради што се стравува дека бројот на жртвите уште ќе расте.

Нејасно е како напаѓачот успеал да мине низ неколкуте барикади на кои биле припадници на безбедносните сили за да влезе во комплексот на „Црвената зона“ во кој се наоѓаат канцелариите на полициските и антитерористички сили во нестабилниот град Пешавар кој и самиот се наоѓа во зона со висока безбедност.

„Станува збор за бомбаш самоубиец… Го детонирал експлозивот во моментот кога стотици луѓе стоеле во ред за да се молат. Пронајдовме траги од експлозив“, изјавил за новинарите Иљаз Кан, началник на полицијата во Пешавар според кого во тој момент во џамијата имало повеќе од 400 верници.

Во текот е истрага за тоа како бомбашот-самоубиец успеал да се пробиен низ елитниот безбедносен кордон и дали имал помош однатре.

Сарбакаф Мохманд, командант на пакистанските талибани, ја презеде одговорноста за нападот преку објава на Twitter, но главниот портпарол на радикалната исламистичка групација кој вообичаено контактира со медиумите не бил веднаш достапен за коментар, пренесува Associated Press.

„Незамисливи се големите размери на оваа човечка трагедија. Ова не е ништо освен напад врз Пакистан“, твитна премиерот Шахбаз Шариф кој ги посети повредените во болниците во Пешавар и вети „жестока акција“ против оние кои стојат зад нападот.

Пешавар е главен град на провинцијата Хајбер Пактинква којашто се граничи со Авганистан и е место на чести напади на радикалните групации.

Пакистанските талибани кои се идентификуваат како Техрик-е-Талибан Пакистан (TTP), и се засебна група но тесно поврзан сојузник на авганистанските талибани од другата страна на границата, кои се вратија на власт на 15-ти август 2021 година по хаотичното повлекување на трупите на САД и НАТО од Авганистан по 20-годишната војна.

Во изминатите 15 години TTP води бунт против владата во Исламабад борејќи се за строго спроведување на исламските шеријатски закони во земјата, за ослободување на нивните припадници од затворите и намалување на присуството на пакистанската војска во планинските племенски региони на земјата.

30.01.2023 - 22:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега