Димитриевски: Без мене влада нема да има

 

Сакав да излезам од комотната зона на градоначалник кој има уште половина мандат поради лошата ситуација во која се наоѓа народот и да влезам во трката за претседател на државата за да ги променам работите. Влегувам во трката за да победам, а не само да учествувам, порача вечерва претседателскиот кандидат Максим Димитриевски од движењето За наша Македонија – ЗНАМ.

-Позицијата ја прави човекот кој ја извршува функцијата, а не неговите ингеренции. За нас синтагмата „зборот е збор се уште значи“ и по тоа се разликуваме од другите, а тоа народот го препознава. Како претседател на Македонија нема да бидам послушник на законодавната и извршната власт, туку ќе ги спроведувам законите и нема да дозволам некој да ми кажува што да правам… Во оваа трка не влеговме да спасуваме никого, нашата агенда е јасна и немаме намера да бидеме привезок на ниту една власт. Без ЗНАМ нема да има Влада. Целиме на двоцифрена бројка на парламентарните избори, а во најмала мера ќе имаме парламентарна група. На следните парламентарни избори по овие, кога и да бидат, ќе бидеме најмалку втора партија – посочи Димитриевски во интервју за ТВ Канал 5.

Toj посочи дека земјава треба да влезе достоинствено во Европската Унија. Еден ден, како што кажа, секако ќе бидеме членка на ЕУ, а во меѓувреме треба да најдеме начин како да ја издигнеме нашата економија. Нашата успешност во интегративниот процес, додаде, ќе зависи од нашата дипломатија која треба да биде професионална, а не партиска.

Во моментов, како што кажа, тој нема комуникација со ни една политичка партија. Димитриевски нагласи дека ќе водат скромна кампања заради недостигот на средства. На изборите ЗНАМ ќе настапи сама и така ќе го тера целиот изборен процес и очекува голема поддршка од граѓаните.. Тој смета дека претседателот на државата треба да се бира на непосредни избори за да добие легитимитет, а не во Собранието заради неговата клучна улога во надворешната политика.

Неопходните 10.000 потписи за кандидатурата за претседател на државата, како што кажа, ги собрал спонтано и најголем дел од нив во Куманово каде е актуелен градоначалник.

 

15.03.2024 - 10:01

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега