Димитриеска-Кочоска: Потребен беше одговорен пристап, со Ребалансот ќе се сервисираат сите обврски

 

Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2024 година од денеска е на дневен ред на собраниската матична Комисија за финансирање и буџет. Предложените измени пред пратеници ги образложи министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која рече дека со овој ребаланс се обезбедуваат средства за сите обврски кои согласно законите треба да се сервисираат од Буџетот.

„Предлог-ребалансот беше првиот предизвик на кој работев заедно со мојот тим и сметам дека предлагаме едно најоптимално решение, имајќи ги предвид ресурсите со кои располагаме, малиот простор за маневар и секако макроекономската состојба. А сето тоа е со цел да создадеме цврста основа од која би се тргнало во подготовката на Буџетот за 2025 година кој треба да ги отслика политиките кои ќе ја водат државата напред“, рече министерката за финансии.

Таа додаде дека со ребалансот се обезбедуваат средства за сите оние и за се она што било предвидено со закон, а немало планирано средства, односно средства за вработените, пензионерите, студентите, компаниите, како и за плаќање обврски по основ на камати,  заеми и слично.

„Како одговорна Влада која го почитува словото на Законот нема да отстапиме од она што е обврска и со ребалансот се обезбедуваат средства да се сервисираат сите обврски. Ваквиот одговорен пристап што го применивме резултира во буџетот со промени на приходната и расходната страна, како и буџетскиот дефицит. Се обидовме и направиме максимални заштеди од се она што немаше динамика на реализација и средствата коишто стоеја неискористени, од се она што претставува несуштински расход и успеавме, водејќи се од напорите за фискална консолидација, да најдеме заштеди од околу 20 милијарди денари и да ги употребиме онаму каде ни требаат“, порача Димитриеска-Кочоска.

Според министерката измените и дополнувањата на Буџетот за 2024 година се базираат на реални макроекономски претпоставки, а фискалната политика се насочува кон враќање на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност преку постепена фискална консолидација, подобрување на управувањето на јавните финансии и одржливо ниво на капитални расходи.

Со измените и дополнувањата вкупните приходи се планирани на  318,2 милијарди денари, или зголемување за 2,6%, односно за околу 8 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година. Вкупните расходи се планирани на 362,8 милијарди денари или повисоко за 5,6%, односно за околу 19,2 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година.  Врз основа на ревидираните проекции на приходи и расходи, дефицитот е планиран на ниво од 44,7 милијарди денари, односно од иницијално планираните 3,4% на 4,9% од БДП

Министерката наведе дека растот на дефицитот и едновремено отстапувањето од фискалното правило се должи пред се на потребата за обезбедување на неопходни средства за непречено функционирање на институциите и сервисирање на обврските. Односно дека со него се обезбедуваат дополнителни 4,1 милијарда денари за исплата на плати, 5,1 милијарда денари за исплата на пензиите, од кои 2,5 милијарди денари се за најавеното линеарно зголемување од 2.500 денари, овозможувајќи подобар и поквалитетен живот на највозрасните граѓани. Четиристотини милиони денари дополнителни средства се обезбедени за транзициски трошоци во вториот пензиски столб, 0,8 милијарди денари за исплата на гарантирана минимална помош, 1,7 милијарди денари за здравствена заштита, 1 милијарда денари дополнителни средства за ТИРЗ зоните, 1,7 милијарди денари за земјоделски субвенции, 437 милиони денари за студентски оброк, 207 милиони денари за исплата на стипендии, 300 милиони денари за блок дотации, дополнителни средства за финансирање на радиодифузна дејност, за финансирање на изборните активности, како и за извршни исплати и за поврат на средства кон Европската комисија согласно наодите на ОЛАФ. Со Ребалансот се обезбедуваат 0,8 милијарда денари дополнителни средства за исплата на камати кон домашни и меѓународните кредитори, 5,1 милијарда денари за активирани гаранции по основ на задолжувања за ЈП и АД во државна сопственост и 6 милијарди денари за проекти за општините

Развојот во Ребалансот ќе се финансира со планирани 45 милијарди денари за капитални расходи, при што е извршено ревидирање на капиталите проекти со позабавена динамика, особено кај капиталните проекти кои се реализираат на посебни сметки.

Министерката потенцира дека со планираното ниво на буџетска потрошувачка се овозможува нормално и непречено функционирање на институциите, исполнување на обврските кон меѓународните кредитори, како и подобрување на животниот стандард на граѓаните и бизнис заедницата

Со Ребалансот, а условено од понеповолното меѓународно окружување, послабото остварување во 2023 година и економските движења во 2024 година, направена е надолна ревизија на очекувањата за раст на домашната економија годинава проектиран на 2,1%, наспроти претходно планираниот 3,4%. Додека стапката на инфлација за 2024 година е проектирана на 3,5%, што претставува значително забавување на ценовната динамика споредено со 2023 година

Во рамки на Комисијата општата расправа по Предлог-ребалансот може да трае до 10 дена. На доставениот предлог поднесени се 58 амандмани.

25.07.2024 - 13:12

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега