Деспотовски: Упатувам покана до сите кандидати за претседател на СДСМ за организирање јавни дебати

 

Упатувам покана до сите кандидати за претседател на СДСМ за организирање јавни дебати. Тоа им го должиме и на членовите, но и на сите граѓани кон кои и денес и во периодот по избор на нов претседател треба да продолжиме да им се обраќаме. Сите кандидати зборуваат за луѓето, за членството, за важноста на теренот. Затоа очекувам сите да ја прифатат оваа иницијатива и да излеземе пред луѓето со своите програми, предлози, ставови и одговори, вели Јован Деспотовски, еден од кандидатите за претседател на СДСМ.

„СДСМ е голема политичка партија, која во минатото секогаш ги движела процесите во општеството. Јавното соочување е нешто за што секогаш сме се залагале и за кое секогаш сме имале храброст да го бараме од нашите политички противници.

Денес, кога сме исправени со историски предизвик за партијата, но и за државата, треба повторно да почнеме од самите нас. И да покажеме дека имаме и програма и визија и идеи како СДСМ, но и Македонија да оди напред.

Со јавната дебата ќе покажеме дека сме отворени и посветени на фер процес во кој информацијата, можноста, идејата ќе дојде до што е можно поширок круг наши членови, а не само до затворен круг партиски структури“, појаснува во соопштението Деспотовски.

Според него, процесот на избор на претседател на СДСМ е сè освен прашање/право на затворен круг луѓе. Дебатата, како што оценува, мора да биде широка, а во изборот да бидат вклучени што е можно поголем број од нивните десетици илјади членови.

„Нашите членови, избирачи, се значаен дел од македонската јавност и тоа не смее да се заборава.

Подготвен сум да се приспособам на потребите на другите кандидати во однос на динамиката на реализирање на овие јавни дебати“, нагласува Деспотовски.

07.06.2024 - 13:56

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега