Деспотовски ја поднесе кандидатурата за претседател на СДСМ: СДСМ се наоѓа во многу тешка ситуација

 

Од центарот на Скопје пред старата Железничка станица, Јован Деспотовски објави дека ја поднел неговата кандидатира за претседател на СДСМ.

Симболиката со старата железничка станица како што рече е многу јасна.

„Ја избравме локацијата позади нас, тоа е старата железничка станица, најпогодена од катастрофалниот земјотрес пред 61 година. СДСМ се наоѓа во многу тешка ситуација, има потреба од еден нов почеток. Денеска објавуваме една нова програма за нов почеток, за нов СДСМ. Исто како што Скопје успеа да се подигне од пепелта да се обнoви и да стане убав град, така и СДСМ повторно ќе почне, ќе биде нова партија, која ќе ги обединува не само сите свои членови, туку партија за сите граѓани“, подвлече Деспотовски.

Најави дека нема да троши многу време на зборување, туку на дела и конкретни чекори. Тоа, според него е клучната разлика по која ќе се разликуваат од противкандидатите.

Најави нови луѓе, но и дека старите структури нема да бидат заборавени.

„Ќе има нов механизам по кој ќе дејствуваме, ќе формираме Влада во сенка, за граѓаните да споредуваат и размислуваат. Концептот на Влада во сенка постои, не е за да СДСМ дели фотелји, туку конкретни личности ќе работат на ставови, ќе подадеме рака на политичкиот опонент, ама кај што ќе видиме дека има разлика, ќе критикуваме. Ќе бидеме конструктивна опозиција, нема да критикуваме неосновано – тоа ќе не разликува од досега“, појасни Деспотовски.

Кажа дека нема да прифати ниту една позиција во партијата, ако не биде избран во партијата.

Прашан околу големата поделеност која постои во партијата тој рече дека работите во партијата ќе се решаваат системски.

„Работите не се решаваат со пазар. И денеска ќе поднесам изјава како што ветив дека нема да прифатам ниту една позиција во партијата доколку не бидам избран за претседател“.

Кажа дека нема поддршка од актуелното или од поранешното партиско раководство.

„Нашата политика е политика на радикален дисконтинуитет, со сите досегашни политики, со сите досегашни пракси, и со сите досегашни кадровски решенија во партијата. Нашата поддршка доаѓа од членовите“, потенцира тој.

05.06.2024 - 13:16

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега