Денеска се одбележуваат 24 години од загинувањето на бранителите кај Карпалак
Повеќе делегации ќе ги посетат вечните почивалишта на загинатите, во Прилеп и населените места, а ќе биде посетена и месноста Карпалак каде на 8 август 2001 година во заседа загинаа 10-те прилепски бранители, кога беше нападнат армискиот конвој.
Делегација на Собранието во состав Биљана Кузманоска, Пеце Милевски и Миле Талевски, ќе положи цвеќе пред комплексот Карпалак во центарот на Прилеп.
Во Прилеп вчера почна одбележувањето на 24-годишнината од загинувањето на прилепските армиски резервисти кај Карпалак, со поклон пред спомен-обележјето во кругот на касарната „Мирче Ацев“.
Потполковникот Сашко Палески, командант на гарнизонот „Мирче Ацев“ во Прилеп истакна дека спомените за загинатите ќе се чуваат, со порака - никогаш да не се повтори.
Почит на загинатите пред спомен-обележјето во касарната оддадоа повеќе делегации, како и семејствата на загинатите и здруженија на бранителите.
Во чест на загинатите бранители, вчера беше посетен нивниот споменик во прилепското село Лениште и манастирот „Света Петка“ каде се одржа вечерна богослужба.
На 8 август 2001 година, за време на конфликтот, кај месноста Карпалак, на патот Скопје – Тетово, армискиот конвој беше нападнат од заседа. Животот го загубија десет резервисти на Армијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа