Ден на жалост во Венеција по автобуската несреќа, меѓу загинатите има и две деца
Градоначалникот на Венеција ја прогласи среда за ден на жалост по синоќешната несреќа на туристички автобус, во која загинаа најмалку 21 лице, меѓу кои две деца, кога тој слета на автопат.
Меѓу загинатите има Украинци, Французи и Германци. Знамињата на официјалните згради во регионот Венето беа спуштени на половина копје на барање на нејзиниот претседател Лука Заија.
Сè уште не е позната причината за несреќата.
Во автобусот се превезувале четириесетина италијански и странски туристи, кои штотуку ја посетиле Венеција и се враќале во својот туристички камп нешто пред 20 часот.
Од сè уште неутврдена причина, возилото, кое се движело по мостот, удрило во заштитната ограда и излетало во празнината удирајќи во близина на железничката линија меѓу Местре и Маргера, два града, кои припаѓаат на Венеција.
„Автобусот се преврте. Ударот беше страшен“, изјави шефот на венециската противпожарна заштита, Мауро Луонго, за новинарите на местото на настанот.
Бројот на загинати не се промени во текот на ноќта: 21 лице загина, а најмалку 15 се повредени, објави регионалниот претседател на „Фејсбук“.
Меѓу загинатите жртви има едногодишно дете и тинејџер.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа