Дали Брисел дигна раце од уставни измени пред избори?

Зошто Претседателката на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лајен не се сретна со опозицискиот лидер Мицкоски беше едно од прашањата кое европската функционерка го доби денеска од медиумите при нејзината прес конференција со Премиерот Ковачевски.
„Каде и да сум обично се среќавам со шефот на државата и на Владата.
Ова е случај со моето патување во Западен Балкан, но тоа е случај со сите мои други посети и патувања кога посетувам земји членки постои правило дека се среќавам со шефот на државата или со премиерот на државата“, рече претседателката на Европската комисија.

Сепак, Фон Дер Лајен во Скопје беше и во јули минатата година, но тогаш имаше средба со опозицискиот лидер Мицкоски а имаше и свое обраќање во Собранието.

Опозициски кругови ваквиот потег на европската функционерка тврдат дека може да се гледа и од друга страна односно како една порака дека Европската Унија на некој начин се откажа од притисоците за промена на Уставот во рамките на овој собраниски состав.


Мицкоски вчера изјави дека од претстојната посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен очекува таа да излезе со позиција нашата држава да добие безусловен почеток на преговорите со ЕУ.

„Очекувам претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен да излезе со позиција дека Македонија ќе добие безусловен почеток на преговорите со ЕУ, иако сум свесен за многу недостатоци кои што ги имаме на домашен план, поради неработењето на корумпираната Влада на СДСМ и ДУИ. Ценам дека на тој начин ќе се одаде признание и на државата и на граѓаните за сето она кое што го направија изминативе 23 години, од првиот ден кога беше потпишан Договорот за стабилизација и асоцијација, и ќе се одаде признание и почит кон сите понижувања и омаловажувања, кои што мораше граѓаните да ги издегистираат, од промената на националното знаме па се до насилната промена на уставот и уставното име“ рече Мицкоски.

Темата за интеграциите на Македонија доминираше и во новинарските прашања на денешната прес конференција, но не требаше големо искуство за да се забележи исклучително претпазливиот вординг кој го користеше Претседателката на Европската Комисија која сепак не пропушти да потенцира дека уставните измени се услов за продолжување на преговорите, избегнувајќи во своите изјави да даде било какви временски рамки.  

Изборот е Ваш! Северна Македонија е суверена земја и прави сопствени избори, порача претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула Фон дер Лајен, од истата говорница на која рамо до рамо стоеше до македонскиот премиер Димитар Ковачевски. Тоа беше нејзиниот одговор што ќе се случи ако до декември годинава земјата не ги усвои уставните измени, потребни за интеграцијата во Европската унија.

„Се работи за вашата иднина, за вашиот избор и сите партии имаат одговорност за иднината на Северна Македонија. Ние сакаме Северна Македонија да биде членка на ЕУ и се надевам дека движењето напред ќе биде добро и поддржано од широко мнозинство“, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека процесот на пристапување се заснова на услуги, па „колку побрзо одат реформите, толку побрзо ќе влезете во ЕУ“.

 

30.10.2023 - 13:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега