Дачиќ: Србија не сака војна, но ако сака, ниту милион ракети не би му помогнале на Косово
Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека е важно Српската православна црква (СПЦ) да работи на односите со Ватикан бидејќи во интерес на Србија е папата да биде на српската страна. Тој потсети дека Косово веќе некое време негува неформални врски со Ватикан.
„Мислам дека е време СПЦ пред се да работи на тоа“, рече Дачиќ и потсети дека поранешниот претседател на Србија, Томислав Николиќ го поканил папата во Србија, но поканата била откажана на барање на некои владици.
„Дали ни е важно дали Ватикан ќе го признае Косово или не… Дали ќе направиме нешто или ќе продолжиме да бидеме во рововите кои не се практични за нас. Во наш интерес е папата да биде на наша страна“, истакна тој.
Тој тврди дека не е сеедно дали Ватикан ќе го признае Косово или не, бидејќи се знае колку од светот е под влијание на Ватикан.
„Патријархот, епископите, Синодот мора итно да реагираат во однос на Светата столица, како и Српската академија на науките и уметностите, со нивните колеги низ светот, како и спортските федерации и сите други“, истакна тој.
Тој се осврна и на американската продажба на противтенковски ракети џавелин на Косово. Тој смета дека тоа не и испраќа порака на Србија, туку дека е дел од долгорочната цел за помагање на независноста на Косово, која почна да се спроведува во 90-тите години.
Тој нагласи дека „Ослободителната војска на Косово добила оружје од многу земји: Германија, САД, исламските земји…“
„Ние имаме подлабок проблем, овде зборуваме за стратешките интереси на таканареченото Косово да биде независно, на што се спротивставуваме. Мора да бидеме остри, цврсти, мудри и реални во меѓународни околности“, рече Дачиќ и додаде дека Србија треба да продолжи да се вооружува.
Дачиќ смета дека е крајно време Србија да одлучи дали Косово е нејзино национално прашање или не. Тој заклучи дека Србија нема намера да води војна, но ако сака – „Ни еден милион ракети џавелин не би му помогнале на Косово“, пренесува Н1 Србија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа