Да ги оставиме да перат прозори на раскрсница додека не им се вработат родителите
Обезбедување постојана работа и интеграција на семејствата од ранливите групи, особено од ромската заедница, ќе елиминира девијантни појави, кои се случуваат на крстосниците во градовите каде деца и возрасни се обидуваат да заработат со миење на ветробранските стакла на автомобилите.
Ова денеска во одговор на новинарско прашање го истакна министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030, Шабан Салиу.
Преку иницијативи за преквалификација и законски измени, министерот нагласи дека во координација со Министерството за труд и социјална политика и други надлежни органи, се планира креирање услови за вклучување на родителите на овие деца во нормалните работни процеси.
– Има една кинеска поговорка која вели „На сиромавиот не му давај риба туку дај му јадица да ја лови“. Мораме да им обезбедиме на тие лица односно на родителите на тие деца постојана работа да не доаѓа до тие девијантни појави и да не ги пенализираме сѐ додека не им овозможиме можности да се вклучат во интегративните процеси на државата, односно во нормалните работни процеси – истакна Салиу.
Тој најави дека до Владата ќе поднесат иницијатива, бидејќи, според него, има начин како да се отстрани оваа, како што ја рече, девијантна појава.
На прес-конфернцијата, министерот Салоу во отчет за сработеното во изминатата година оцени дека се отворени патиштата за директна системска интеграција на Ромите во сите сфери во живеењето. Најголеми постигнувања, според него, има во интегрирањето во образованието, а се работело и на пристапот до здравствени услуги и конкретни проекти насочени кон обезбедување пристапно и достојно домување.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа