Чистка во МВР: Сменет началникот близок до коалициајта Вреди

Началникот на секторот за гранични работи Север Наим Рамука е разрешен од должноста. Според неофицијалните информации, Министерот Тошковски не ја продолжил наредбата со која тој беше именуван на оваа функција.
Наим Рамука е името кое се споменуваше како главен организатор на бегството на Блерим Рамадани на Косово но и пропуштањето на колоната свадбари која ја предводеше собранискиот спикер Гаши. За вториот случај МВР му отвори и дисциплинска постапка.
„ Во однос на утврдување на неправилности во конкретниот настан, наместо да бидат преземени соодветни мерки од страна на главен инспектор М.С. во содејство со началникот на РЦ за ГР Север Н.Р., согласно дотогашните констатирани пропусти, не се преземени соодветни мерки туку е испратен акт со кој се задолжува командирот на ПС за ГП Долно Блаце да го доиспита целосно случајот и да преземе соодветни мерки. Со наведените дејствија М.С. сторила потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидена во член 187 став 1 алинеја 3 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3 од Колективниот договор на МВР. Исто така, Н.Р., началник на РЦ за ГР Север сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидена во член 187 став 1 алинеја 3 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3 од Колективниот договор на МВР. Согласно описот и пописот на работните места, началникот на РЦ за ГР покрај другото, раководи, планира, ја организира и контролира работата на Регионалниот центар. – информираше МВР во писмено соопштение.
Инаку името на Наим Рамука на прес конференции го влечеше и СДСМ. Од партијата тврдеа дека мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ и Вреди ја штити неговата позиција, коментирајќи дека станува збор за кадар на Вреди.
Од МВР до овој момент нема официјална информација.

17.09.2024 - 13:38

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега