Цените на нафтата пораснаа на 78 долари, Либија го истисна од фокусот кинески DeepSeek

 

Цените на нафтата во вторникот на меѓународните пазари пораснаа на 78 долари, бидејќи прекините во снабдувањето од Либија ги турнаа во втор план шпекулациите дека кинескиот стартап DeepSeek би можел да влијае врз намалување на побарувачката на енергија.

На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше за 91 цент повисока од вчерашното затворање на трговијата и изнесуваше 77,99 долари. Вчера го затвори тргувањето со загуба од 1,42 долари. На американскиот пазар со барелот денеска се тргуваше по 95 центи повисока цена, по 74,12 долари. Вчера го затвори тргувањето на минус 1,49 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно објави дека барелот од референтната кошничка нафта на нејзините членки во понеделникот поевтинил за 38 центи на 80,07 долари.

Почетокот на тргувањето оваа седмица го означи кинескиот стартап „DeepSeek“ и неговата апликација за вештачка интелигенција, која веќе го надмина ChatGPT по популарност во App Store на „Apple“ во понеделникот во САД и редица други западни земји. Податоците предизвикаа сомневања кај инвеститорите во американските енергетски компании кои сметаа на центрите за податоци за вештачка интелигенција да бидат главен двигател на побарувачката за енергија.

Според повеќето актуелни прогнози, вештачката интелигенција треба да сочинува дури 75 отсто од вкупната побарувачка на енергија во САД до 2030 или 2035 година, забележуваат аналитичарите на Jefferies во извештајот. Моделот на DeepSeek, наводно, поефикасно ги троши енергијата и капиталот, што ги доведува во прашање значајните проекции за побарувачката на електрична енергија во САД, додаваат тие.

„Сè уште е прерано да се прават дефинитивни предвидувања бидејќи DeepSeek штотуку ѝ беше претставен на јавноста, но се чини дека под знакот прашалник е растот на цените на акциите на енергетските компании за нешто повеќе од 20 проценти од почетокот на годината“, додаваат тие.

Во вторникот вниманието на трговците го привлече блокадата на испораките од Либија. Демонстрантите го блокираа товарењето на нафтата во пристаништата Ес Сидер и Рас Лануф, изјавија за Reuters пет инженери, а информацијата ја потврди неименуван извор во логистичките кругови. Блокадата ја доведе во прашање испораката на околу 450.000 барели нафта дневно.

„Ако немирите се прошират, што не би било воопшто невообичаено бидејќи либиската нафтена индустрија често е цел на уцена од различни групации, производството на Националната нафтена корпорација, проценето на 1,4 милиони барели дневно, ќе биде доведено во прашање“, објаснува Џон Еванс на PVM.

28.01.2025 - 20:56

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега