Бродот кој удри во мостот во Балтимор пред несреќата неколку пати изгубил струја

 


Контејнерскиот брод Дали изгубил струја неколку пати пред да се удри во мостот Френсис Скот Ки во Балтимор во март, при што загинаа шест лица, парализирајќи голема сообраќајница на источниот брег на САД.

Националниот одбор за безбедност на транспортот (NTSB) соопшти во прелиминарниот извештај дека околу 10 часа пред да исплови од Балтимор, Дали ја изгубил струјата за време на одржувањето во пристаништето непосредно пред судирот.

Одборот соопшти дека контејнерскиот брод имал и други прекини на струја, вклучително и еден околу четири минути пред несреќата кога електричните прекинувачи на бродот неочекувано се активирале, што предизвикало губење на моќта на целото осветлување на бродот и на поголемиот дел од опремата кога бродот бил на километар од мостот.

Екипажот на бродот го врати напојувањето, но на околу 320 метри од мостот се случи уште едно губење на струјата, кое ги запре сите три управувачки пумпи и екипажот не можеше да го помести кормилото.

НТСБ соопшти дека „сè уште ја истражува електричната конфигурација по првичниот прекин на електричната енергија на пристаништето и потенцијалното влијание врз настаните за време на несреќното патување“.

Извештајот ги вклучува првите објавени наоди од истражувањето откако целосно натоварениот контејнерски брод Дали предизвика уривање на мостот во реката Патапско. Претседателката на НТСБ Џенифер Хоменди ќе сведочи пред комисијата на Претставничкиот дом за федералната реакција на тој колапс.

Извештајот не откри проблеми со квалитетот на горивото на бродот.

Во април, ФБИ отвори кривична истрага за уривањето на мостот, а безбедносните иследници ја открија „црната кутија“ на бродот, која обезбедува податоци за позицијата, брзината, насоката, радарот и аудио и радио комуникацијата на мостот, како и алармите.

Осигурителот на мостот објави овој месец дека се подготвува да плати 350 милиони долари на државата Мериленд, што би можело да биде првата голема исплата поврзана со уривањето на мостот.

15.05.2024 - 09:23

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега