Брод со украинска пченка се насука во Суецкиот канал
Товарен брод денеска се насука во Суецкиот канал, соопшти услужната компанија задолжена за овој морски премин.
Бродот „МВ Глори“ се насука недалеку од градот Кантар, во провинцијата Исмаилија.
Помошни бродови се обидуваат да го извлечат и рестартираат товарниот брод. Според податоците од сателитот на поморскиот сообраќај, инцидентот се случил на еднонасочниот дел на Суецкиот канал, јужно од Порт Саид во Средоземното Море.
Портпаролот на управата на каналот одби да го коментира случајот и рече дека ќе биде објавено соопштение.
Заедничкиот координативен центар го регистрираше „МВ Глори“ како брод натоварен со 65.000 тони пченка кој се транспортира од Украина во Кина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа