Брако: ИРЛ е осуден за клевета по тужба на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев.

 

„Порталот ИРЛ е осуден за клевета по тужба на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев.“- информираат од „Фероинвест“ преку соопштение испратено до јавноста.

 Од таму додаваат дека Анѓушев и БРАКО го тужеле ИРЛ за емисија објавена на македонската телевизија во која според нив се изнесувале лажни конструкции без да му се даде простор на Анѓушев и на компанијата да изнесат своја страна и да дадат одговори на јавните неосновани прозивки.

 Како што додаваат од „Фероинвест“ Анѓушев лично и БРАКО ги негирале наводите и повеќе пати изјавиле дека ИРЛ е во постојан напад врз компаниите и нивниот сопственик, од причини непознати за јавноста.

„Особено го осудуваме однесувањето на ИРЛ и на Здружението на новинарите (ЗНМ) кои постојано вршеа притисок врз судот да ги ослободи од одговорност, до степен на јавни закани до судијата, кои се одвиваа дури и денеска, на само неколку часа пред објавување на пресудата. Во судницата судијката беше вербално нападната од присутните ИРЛ и ЗНМ кои предизвикаа нарушување на редот и мирот, поради што во судницата мораше да дојде судското обезбедување, што е срам за една интелектуална фела која работи во јавната сфера.

Потсетуваме дека истата судијка во првата постапка ги ослободи ИРЛ од одговорност, и тогаш судијката не беше напаѓана ниту од ИРЛ, ниту пак од тужителот Анѓушев. Денес судот е напаѓан затоа што првата пресуда падна на Апелација и се спроведе повторено судење со изведување нови искази и докази и овој пат е пресудено против ИРЛ. По изрекувањето на пресудата, ИРЛ денес продолжи да ја демне компанијата. Лица од нивната група се распоредени околу деловната зграда и го фотографираат објектот и вработените.“- додаваат во соопштението.

-Ставот на ФЕРОИНВЕСТ и БРАКО, како фирми во сопственост на Кочо Анѓушев, е дека е лесно под закрилата на изразот ,,јавен интерес” постојано да се напаѓаат приватни фирми, стопанственици, луѓе кои ја прават економијата на една држава и да им се нанесува  штета во нивното работење.

Затоа сметаме дека судот испрати добра порака дека новинарството навистина треба да застапува јавен интерес, а не зад тоа да се крие некој друг интерес.

Ја поздравуваме одлуката на судот, но сметаме и дека други институции во државата, како финансова полиција, инспекциски служби, УЈП и слично, треба да проверат како работат овие групи, дали исплаќаат пари на вработените на рака, односно без да поминат преку даночните системи на контрола на државата, дали повиците за донации се само маска, понатаму да се провери од каде доаѓаат некои суми и за која цел итн. Има многу различни информации во општеството за кои институциите треба да постапат по допрен глас.- велат од „Фероинвест“

Од таму додаваат дека ја осудуваат и злоупотребата на Здружението на новинарите за вршење притисок врз судот од страна на претседателот на ЗНМ, кој ќерката ја вработил во ИРЛ, и според нив,  во тие активности има елементи на  конфликт на интереси и трговија со влијание.

„Како стопански субјект, ние ќе ја информираме Европската федерација на новинари за случувањата во ЗНМ, како и дека се злоупотребува името и кредибилитетот на Европската федерација, со нејзино доведување во заблуда за случувањата во Македонија, со цел лична корист на поединци во Здружението, кои за таа цел поддржуваат група која поради своите постапки е веќе осудувана за клевети и претходно.“- се вели во соопштението.

 

 

24.10.2023 - 17:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега