БГНЕС: Европскиот парламент ќе го признае македонскиот идентитет и јазик во претстојниот извештај
Европскиот парламент (ЕП) е пред усвојување на извештај за напредокот на Македонија кон ЕУ, кој ќе содржи признавање на македонскиот идентитет и јазик на четири места. Признанието треба да биде наведено во следниот извештај на Европскиот парламент за напредокот на Македонија кон ЕУ, кој треба да биде усвоен во јули, пишува бугарски „БГНЕС“.
Ова ќе биде второто законодавно тело во Европа по германскиот Бундестаг, кој донесе одлука за македонскиот јазик на 15 јуни 2023 година. Признавањето на јазикот и идентитетот било постигнато откако главниот известувач – Австриецот Томас Вајц од Зелената партија – постигнал консензус со другите седуммина „известувачи во сенка“ кои ги претставуваат политичките семејства во ЕП, пишува бугарскиот медиум.
Зелената партија на известувачот Томас Вајц е коалициски партнер со партијата Европска слободна алијанса – ЕФА, која ги претставува интересите на малцинствата кои бараат регионална автономија, самоуправа или независност во рамките на ЕУ. Меѓу членовите на ЕФА се и македонската партија забранета во Бугарија – ОМО „Илинден“ – Пирин, како и Македонската алијанса за европска интеграција во Албанија – МАЕИ, се вели во текстот.
„БГНЕС“ го проверувал регистарот на состаноците на Европскиот парламент, според кој од неговото назначување за известувач, Томас Вајц одржал „36 состаноци со властите на Македонија и ниту еден со организациите на Бугарите во Македонија“.
„Над 40 предлози за извештајот биле дадени од бугарските европратеници Андреј Ковачев од ГЕРБ и Ивајло Валчев од ИТН. На денот кога започнаа преговорите, на покана на самиот Вајц, 15 пратеници од Македонија одржаа состаноци во зградата на ЕП, а претходно, на 12 мај, истото го стори и министерот за европски прашања Орхан Муртезани. Томас Вајц организираше официјален ручек за македонските пратеници со „известувачите во сенка“, на кој бугарските пратеници не биле поканети. Како резултат на постапките на Вајц и успешните лобистички напори на Скопјe, речиси сите текстови на бугарските европратеници беа отфрлени од известувачите, но беа усвоени шест предлози ЕП да го признае македонскиот идентитет и јазик“, пишува „БГНЕС“, додавајќи дека „резервите на Бугарија во однос на македонскиот јазик, кој официјално беше кодифициран во 1945 година, се целосно отсутни од извештајот“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа