„Банана филм“: Манчевски со години пријавува корупција во Агенција за филм, инспекцијата не увиде корупција кај него

Продукцијата „Банана филм“ ја демантира Агенцијата за филм и потенцира дека ниту еден надлежен орган не утврдил неправилности во работата, ниту пак се води постапка против продуцентската куќа. Напротив, од продукцијата велат дека неколку институции веќе заклучиле дека Агенцијата за филм работи незаконски.

„Според Записникот на инспекцијата на Министерството за култура од 4 април 2023 година, инспекторот јасно и недвосмислено утврдил дека нема неправилности во работата на „Банана филм”, поради што и ја запрел постапката за инспекциски надзор. Записникот вели: „Не е утврдено ненаменско или спротивно на договорот користење на средства добиени од Агенцијата за филм, од причина што корисникот на средствата се придржувал кон финансискиот и оперативен план согласно Законот за филмска дејност”, додаваат од „Банана филм“.

Тие велат дека имаат добиено позитивен извештај токму од Агенцијата за сите нивни филмови – „Мајки” (2010), „Врба” (2019) и „Кајмак” (2022).

„Оваа кривична пријава е поднесена со цел да се оправдаат најмалку две незаконски постапки на Агенцијата – незаконското одбивање да се доисплатат средствата кои според правосилниот договор Агенцијата ѝ ги должи на „Банана филм” за завршениот филм „Кајмак” кој од минатата година со успех го обиколува светот, како и незаконското одбивање на Агенцијата да потпише договор за проектот на „Банана филм”, „Биста”, кој беше поддржан како филм од национален интерес на конкурсот на истата таа Агенција од мината година“, посочуваат од продуцентската куќа.

Во соопштението се потенцира дека и самиот Манчевски, изминативе неколку години со пријави до надлежните институции укажал на корупција во Агенцијата за филм. Но, и дека сериозни поплаки од повеќе филмаџии против Агенцијата и ДФРМ има и до вицепремиерката за антикорупција Славица Грковска, и тоа може да се провери во нејзиниот кабинет.

Правниот тим на „Банана филм” подготвува тужби и кривични пријави против луѓе во Агенцијата за филм и други за кршење на законот по повеќе основи – попречување на професионална работа, клевета и за замолчување укажувачи на корупција.

19.05.2023 - 09:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега