Автомобил влета во пешаци во Минхен, најмалку 20 повредени
Најмалку 20 лица се повредени, од кои некои критично, кога автомобил удрил во нив во германскиот град Минхен, соопшти полицијата.
Сè уште не е јасно дали возачот го направил тоа намерно или се работи за несреќа. Возачот е задржан на местото на настанот и повеќе не претставува опасност, додава полицијата.
Инцидентот се случил на локација каде што синдикатот на транспортните работници организирал демонстрации, јавуваат локалните медиуми. Портпаролот на полицијата за германските медиуми изјави дека истражуваат дали инцидентот е поврзан со демонстрациите.
Градоначалникот на Минхен, Дитер Рајтер, изјави дека меѓу повредените има и деца.
„Длабоко сум шокиран. Моите мисли се со повредените“, изјави тој за локалните медиуми.
Инцидентот се случи неколку часа пред светските лидери, вклучително и украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот потпретседател Џ. Д. Венс, да пристигнат на Минхенската безбедносна конференција в петок.
Инцидентот се случил на речиси 1,5 километар од местото на безбедносната конференција.
Областа е затворена и на луѓето им е препорачано да го избегнуваат местото на несреќата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа