Авион се урна над Русија, нема преживеани

 


Руски патнички авион со 49 лица, кој исчезна за време на летот, е пронајден урнат во источниот дел на Русија, во близина на границата со Кина. Според првичните информации, нема преживеани.

Станува збор за авион од типот Ан-24 на авиокомпанијата „Ангара“ со седиште во Сибир, кој летал кон градот Тинда, но исчезнал од радарите додека прелетувал над регионот Амур.


 

„Спасувачите продолжуваат да се движат кон местото на несреќата“, соопштија надлежните служби. Хеликоптер Ми-8 кој бил дел од потрагата не успеал да слета поради теренот, па спасувачките екипи биле принудени да продолжат пеш.

Според гувернерот на регионот, Василиј Орлов, во авионот имало 43 патници, меѓу кои и пет деца, како и шест членови на екипажот.

„Сите неопходни сили и ресурси се мобилизирани за потрагата по авионот“, напиша Орлов на Телеграм.

Запалени остатоци од авионот биле пронајдени на падините на планина, само 15 километри од дестинацијата. Министерството за вонредни ситуации на Русија потврди дека фрагменти од трупот на авионот биле забележани во пламен од страна на хеликоптерот на Федералната агенција за воздушен транспорт.

Истрагата за причините за несреќата е во тек.

24.07.2025 - 11:25

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега