Анкета: Над 90 проценти од Европејците се загрижени поради зголемените трошоци за живот
Зголемувањето на трошоците за живот е најголемата грижа за 93 отсто од Европејците, покажува најновото истражување на Евробарометар изработено за Европскиот парламент.
Анкетата покажува дека поддршката за ЕУ останува стабилна и висока, при што граѓаните очекуваат Унијата да продолжи да работи на решенија за ублажување на ефектите од кризите.
Во секоја земја-членка на ЕУ, повеќе од седум од десет испитаници се загрижени за зголемените трошоци за живот, со највисоки оценки во Грција (100 проценти), Кипар (99), Италија и Португалија (и двете по 98 отсто).
Резултатите од истражувањето покажуваат дека 82 проценти од испитаниците се загрижени поради заканата од сиромаштија и социјална исклученост, додека 81 отсто навеле дека се грижат поради климатските промени и опасноста војната во Украина да се прошири и во другите земји.
Анкетата покажува и дека речиси половина од населението на ЕУ (46 проценти) навеле дека нивниот животен стандард веќе е намален поради ефектите од пандемијата Ковид-19, поради војна на Русија против Украина и кризата со трошоците за живот. Други 39 отсто се изјасниле дека не доживеале пад на нивниот животен стандард, но очекуваат тоа да се случи во тековната година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа