Андоновски: Македонија станува лидер во електронските услуги во Западен Балкан

 


Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски се обрати на Регионалниот развоен форум во организација на Интернационалната телекомуникациска унија (ИТУ), кој овие денови се одржува во Будимпешта, Република Унгарија.

На сесијата посветена на состојбата на дигиталниот развој, предизвиците и можностите на новите трендови, Андоновски истакна дека во Македонија дигиталната индустрија придонесува со над 5% во БДП, и дека оваа бројка оди во нагорна линија.

„Нашата цел е да го забрзаме овој раст со инвестирање во вештачка интелигенција, сајбер безбедност и дигитална инфраструктура, осигурувајќи дека секој граѓанин има пристап до брзи, сигурни и безбедни дигитални услуги. Гледајќи напред кон 2025 година, нашата следна пресвртница е да ги прошириме дигиталните владини услуги и да развиеме иницијативи за паметни градови, системи за дигитален идентитет и автоматизација на ВИ. Ние не сакаме само да бидеме во чекор со дигиталната револуција - сакаме Македонија да стане лидер во дигиталното управување во Западен Балкан.” изјави министерот Андоновски

Андоновски додаде и дека дигитализацијата не се простира само во рамки на државните граници, и затоа Македонија е посветена на регионална соработка во делот на Дигиталната агенда за Западен Балкан и усогласувањето со дигиталните политики на ЕУ.

„Со споделување на најдобрите практики, усогласување на регулативите и инвестирање во прекугранична инфраструктура, можеме колективно да ја забрзаме дигиталната трансформација низ земјите од Југоисточна Европа.”

Тој надополни и дека дигиталната трансформација мора да се изгради на три столба.

„Дигиталната трансформација мора да се изгради на три столба: поврзаност, сајбер безбедност и инклузивност. Ако ги обезбедиме сите три, ќе создадеме поконкурентна, поиновативна и поподготвена Македонија за иднината” заврши Андоновски.

24.02.2025 - 10:21

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега