Агелер: Инвестиравме половина милијарда долари во судството, но нема напредок, многу сме разочарани

 

Нашата „инвестиција“ во напредокот на судството за жал не даде очекуван „поврат“, вели амбасадорката на САД во Северна Македонија Анџела Агелер во интервју за весникот Капитал.

-Кога станува збор за напредокот во судството, ние сме разочарани. Во последните триесет години, сме инвестирале половина милијарда долари во програми за владеење на правото и добро владеење, но не гледаме подобрувања и реформи што би можеле да ги очекуваме со толку голема инвестиција. Сепак, на крајот на краиштата, системската корупција во целата земја во сите сектори подиректно им наштетува на луѓето во Северна Македонија отколку нам. Сите вие заслужувате општество, судство, влада чии постапки се транспарентни и ви служат вам – на граѓаните. Тоа е камен – темелник на фер и функционална демократија. На тоа треба да се фокусира владата, без разлика на тоа која партија е на власт. Судството мора да биде независна, целосно финансирана и неполитичка гранка на власта. Политичките лидери треба да го сакаат тоа, а вие граѓаните треба да го барате, вели Агелер во интервјуто.

Во интервјуто американската амбасадорка Агелер зборува за потребата од енергетска ефикасност и безбедност, за што вели дека се критични прашања ширум светот, а руската брутална и нелегална инвазија на Украина уште повеќе ја истакна таа потреба. На краток рок, посочи таа, се надевам дека земјата ќе вложи максимални напори да обезбеди природен гас што не доаѓа од Газпром и да го комплетира интерконекторот со Грција.

-Тоа треба да биде натпартиски приоритет и да добие целосна согласност од Собранието. Но имање на стабилен и сигурен извор на гас не треба да биде единствената крајна цел. Сите ние треба да работиме на проширување и подобрување на енергетските пазари со алтернативи. Ова е област која бара итно внимание. Ги охрабрувам официјалните лица да донесат координирани, стратешки одлуки за енергетски инвестиции и да работат на оддалечување на Северна Македонија од нејзината зависност од јаглен. Проектите како ХЕЦ Чебрен се од суштинско значење за балансирање на мрежата и намалување на зависноста од фосилни горива, вели Агелер во интервјуто за Капитал.

 

08.07.2023 - 13:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега