Африм Гаши избран за претседател на Собранието

 


Со 76 гласа „за“ и шест „против“ Африм Гаши е избран за претседател на Собранието. Со неговиот избор и давањето на свечената заклетва заврши конститутивната седница на Собранието. За новата функција Гаши беше предложен со потписи од 75 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата „Вреди“ и Движењето ЗНАМ – „За наша Македонија“.

Претходно Изет Меџити од коалицијата „Вреди“ рече дека Африм Гаши е кандидат кој има големо искуство во Собранието и дека ги исполнува сите услови да биде нов собраниски спикер.

-Осум години односно три мандати е пратеник. Се работи за политичар кој не се споменува во случаи за корупција и затоа е чест Собранието да го води ваков политичар, рече Меџити.

Амар Мециновиќ од Левица, пак, рече дека токму Гаши ја спаси минатата влада да не падне и сега го крунисува тоа со нова функција, а во последните 100 дена ќе биде и премиер.

-Ова не е единствен пример сите рецидиви од претходната влада ВМРО-ДПМНЕ ќе ги собере за да владее, рече Мециновиќ и додаде дека секаде во околините земји Собранието го водат кадри на доминантните партии со најмногу мандати.

Нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ со 58 пратеници дозволува партија со два пратеника да го води Собранието.

Неговиот сопартиец Борислав Крмов рече дека со измените на Деловникот на Собранието ќе се носат закони по брза лената и оти е ограничена дебатата.

-Срамота е што само шесте пратеници на Левица се јавија за збор за избор на претседател на Собрание. Гаши нема ни искуство како претседател на Комисија и нема земено збор на речиси и ни еднаш, а сега ќе го води Собранието. Со тоа што ВМРО-ДПМНЕ со 58 пратеника го дава ова место фактички влегуваме во бинационалност. Неговата главна квалификација е само што е Албанец, рече Крмов.

Порача дека ВМРО-ДПМНЕ сега прави, исто што, правеше претходно СДСМ.

-Наместо СДСМ да слугува на ДУИ, сега ВМРО-ДПМНЕ ќе слугува на „Вреди“, рече Крмов.

Во реплика Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ рече дека кај Левица нема патриотизам и дека како учесници во шарената револуција се директно одговорни за промена на Уставот и уставното име на земјата.

На Јована Мојсоска од Левица и беше исклучен микрофонот зашто наместо ВМРО-ДПМНЕ името на партијата го кажа како ВМРО Врховистичка. Таа посочи дека со 61 пратеник ВМРО-ДПМНЕ ја дава втората најважна функција во државата на коалицијата „Вреди“ која ја застапува Приштинската платформа.

-За нас не е проблематично што Африм Гаши е Албанец туку што ги мрази атрибутите на државата и е необалист. Тој се залага за рушење на институциите на државата и во секоја нормална држава ќе беше прогласен за антидржавен елемент, а не за втор човек во државата, рече Мојсоска.

Реџеп Исмаил од Левица посочи дека се во Собранието за да ги бранат асномските идеали  и додаде дека од шест пратеници дури двајца не се од македонска националност, но се залагаат за тоа и за спречување на националните предавства.

Димитар Апасиев исто така од Левица рече дека денешната седница на Собранието е вовед во косовизацијата на македонскиот парламент и бугаризацијата на земјава.

-Немаме ние проблем со Африм Гаши што е Албанец, имаме проблем што е необалист и е македонофоб... Правите политичка косовизација на Македонија и ќе нема парламент кој се води на македонски јазик... Ова е генерална проба за Бугари во Устав, посочи Апасиев.

Ги обвини ВМРО-ДПМНЕ дека преќутно учествувале во се што направи претходната власт.

Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ во реплика рече дека жали што граѓаните морале да бидат сведоци на однесување во кои, како што кажа, неколку луѓе се обидоа да прават реално шоу.

-Се извинувам и на оние кои го дадоа гласот за овие малкумина пратеници и претпоставувам дека тие очекуваат и јас да се однесувам во нивниот агресивен стил. Македонија је очекуваат години на реформи, на развој, владеење на право, бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата и за жал од време на време ќе бидете сведоци на вакви егзибиционисти кои во отсуство на друга идеја ќе навредуваат, омаловажуваат и ќе понижуваат, рече Мицкоски.

Нагласи дека шансата за добро однесување Левица ја пропуштила кога го одбила повикот за национално помирување пред парламентарните избори и кога во вториот круг од Претседателските избори одлучиле да го бојкотираат изборот на Гордана Сиљановска Давкова за претседател на државата.

Посочи дека во пола милион гласови што ги добиле на изборите имало гласови од сите граѓани од различни етнички припадности во земјава.

28.05.2024 - 16:05

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега