Административците бесни на владата: Ако нема дијалог - ќе ве тужиме
Вработените во неколку министерства и државни институции кои денес, четврти ден по ред излегоа, на протест за 30 отсто поголема плата и потпишување колективен договор се подготвени на дијалог со Владата, но размислуваат и за штрајк и за тужби за државата доколку нема дијалог.
Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) рече дека со излегувањето на протести на минусни температури, вработените ја покажале решеноста да се борат за правата, а денес испратиле и формално барање до Владата за средба со премиерот.
„Овие денови се изначитавме декларативни соопштенија од Владата преку кои не канеше на средби преку вас, медиумите, а ние формално не добивме никаква покана за водење дијалог Бидејќи дијалогот не се води преку соопштенија и преку медиуми, Синдикатот на УПОЗ денес поднесе формално барање за средба со претседателот на Владата во кое бараме повторно продолжување на дијалогот кој еднострано беше прекинат од страна на Министерството за финансии со одбивање на предложените колективни договори за додаток на плата за овие вработени кои денеска протестираат со нас“, рече Деаноски.
Вработените очекуваат Владата да покаже разбирање и да ја прифати, како што велат, подадена рака од Синдикатот на УПОЗ за изнаоѓање решение за нивните барања. Во спротивно најавуваат дека повторно ќе ги активираат протестите, а велат и дека ќе ги искористат сите со закон дадени можности за изразување на незадоволството на работниците до остварување на нивните барања.
„Прво ќе чекаме, ќе дадеме шанса за продолжување на дијалогот како што како што најавува Владата ако не ќе ги продолжиме протестите. Се размислува за одење на штрајк, а се размислува и за тужби до државата“, рече Деаноски.
Денешниот протест, последен од засега најавените, беше симболично пред Министерството за финансии. Зоран Георгиевски, член на Синдикатот на Министерството за правда вели дека се уште немаат никаков сигнал од Министерството за финансии и од Владата и најави дека нема да се откажат се додека не добијат достоинствени плати како во останатите државни институции.
На получасовни протести од вторникот излегуваат вработените од Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за земјоделство, Министерството за правда, Министерството за култура и туризам, Министерството за економија и труд, Министерството за транспорт, Државниот завод за статистика и Државниот архив.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа