ЗНМ и ССНМ со претставка до МВР за апсењето на новинарот Салиу
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ќе поднесат формална претставка до Секторот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди на Министерството за внатрешни работи (МВР), за апсењето на новинарот Фуркан Салиу.
Во претставката се истакнуваат повредите на правата на новинарот во три главни точки:
„Непрофесионално однесување и употреба на прекумерна сила при лишувањето од слобода од страна на службени лица, поткрепено со материјални докази;
Принудно бришење на видео материјали од новинари, поврзани со инцидентот, спротивно на законот, постапка која е недозволива и отвора многу прашања поврзани со инцидентот и потенцијалната потреба да биде нешто скриено од јавноста; и
Незаконски претрес на приватно моторно возило“.
ЗНМ и ССНМ бараат внатрешната контрола да ги испита овие наводи веднаш, а МВР да преземе соодветни чекори против инволвираните службеници за време на целиот инцидент.
„Особено е критично ова да се случи што побргу, бидејќи сме во чувствителен предизборен период. Ова е суштински за да се одвратат потенцијалните идни сторители на повреди на правата на медиумските работници, а со тоа да се заштити слободата на изразување.
Укажуваме дека лишување од слобода на новинари, особено кога тоа се случува при извршување на нивните професионални обврски, е недозволива мерка, посебно во услови кога има индициии дека се прават неколку пропусти при вршење на истата. Потребно е полицијата строго да ги следи утврдените процедури и законот во овие случаи, за да се спречи каква било повреда на правата на новинарите“, се истакнува во соопштението.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа