Жените поретко предизвикуваат сообраќајни незгоди со фатални последици

 

 

Жените поретко предизвикуваат сообраќајни незгоди со фатални последици и не се многу склони кон брзо возење или возење под дејство на алкохол, покажува статистиката на која укажа Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот по повод Денот на жената, 8ми Март.

Од Советот велат дека и покрај бројните примери за жени кои се успешни во сите сфери на општественото живеење, дел од жените-возачи се чувствуваат ранливи и несигурни во сообраќајот и пристапуваат особено внимателно имајќи ги предвид можните опасни ситуации.

Ова пред сѐ се однесува на ситуации во врска со одржувањето на возилото во исправна состојба, несакани дефекти за време на возењето, личната безбедност. Истовремено, како што велат од Советот, жените-возачи се покажуваат како одлични планери на патувањата и земаат предвид бројни околности кои можат да влијаат на безбедното возење со што придонесуваат за зголемување на безбедноста во сообраќајот воопшто.

Статистиката укажува и дека поголем е процентот на жени кои се жртви или повредени во сообраќајни незгоди. Затоа РСБСП повикува на внимателност кај секој учесник во сообраќајот, а во пресрет на празникот 8 Март на жените-возачи им препорачува: да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да се грижат за сите учесници во сообраќајот, да користат сигурносен појас, да возат според пропишаната брзина, да избегнуваат да пушат и да зборуваат на мобилен телефон додека возат, почесто да ја проверуваат исоравноста на возилото, да бидат посигурни во себе и во своите возачки способности.

Од 2021 година, 55 новинарки за автомобилизам од 40 земји од светот го предложија 24 јуни за Меѓународен ден на жената возач. Овој празник има за цел да го привлече вниманието кон важноста на жените во автомобилскиот свет и зголемената улога на жените во искажувањето на нивните мислења и искуства за автомобилите на социјалните мрежи.

Претседателката на РСБСП Гордана Кожуваровска апелира: Почитувајте ги сообраќајните правила и прописи, возете совесно, одговорно и со верба во себе. Покажете дека сте пример за успешност во семејството, на работно место и во сообраќајот на патиштата.

08.03.2023 - 15:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега