Зеленски: Немаме за што да разговараме во моментов со Путин, не си стои на зборот

 

 

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека неговата земја е решена да победи во војната со Русија и во моментов не може да замисли ситуација во која би се сретнал со рускиот претседател, Владимир Путин.

„Не постојат такви околности за коишто би можеле да разговараме со претседателот на Руската Федерација, бидејќи тој не си стои на зборот. Не му веруваме“, изјави Зеленски во интервју за американскиот „Си-Ен-Ен“.

Го повтори ставот на Киев дека Русија прво треба да ја напушти територијата на Украина и дури потоа може да се бара формат за организирање дипломатски преговори.

Зеленски најави дека е многу благодарен за посетата на американскиот претседател, Џо Бајден во Киев минатиот месец.

„Важен сигнал до целиот свет е дека САД не’ поддржуваат. Mислам дека САД веруваат дека ќе победиме“, рече украинскиот претседател.

На прашањето дали очекува САД да испратат борбени авиони „Ф-16“ во Украина, Зеленски одговори дека прашањето за борбените авиони е тешко и оти Киев „чека да се донесе оваа одлука“.

„Навистина ни треба ова и апелираме до претседателот Бајден САД да започнат со обука на украинските пилоти, на што ми рече дека ќе работат. Верувам дека САД ќе ни дадат шанса да го одбраниме нашето небо“, рече Зеленски.

Тој е убеден дека борбените авиони би можеле да бидат одлучувачки за победата на Украина во војната со Русија, но и дека Бајден и неговите соработници веруваат оти авионите во овој момент не се потребни.

Зеленски зборуваше и за повеќемесечните конфликти кои се водат околу Бахмут и изјави дека Киев е цврсто решен да го брани овој град од стратешки причини.

Предупреди дека Русија ќе има отворен пат низ источниот дел на земјата доколку го освои Бахмут.

Зеленски рече дека тоа е „тактички важно“ за Украина и изјави дека военото раководство е единствено во својата одлука да ги задржи војниците во градот и да ја прошири одбраната на Бахмут, кој е на работ да падне во рацете на руската армија по неколкумесечни напади.

Зеленски, исто така, го покани претседателот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Кевин Мекарти, да ја посети Украина, со цел од прва рака да дознае за ситуацијата на теренот.

Мекарти изјави за „Си-Ен-Ен“ дека не планира да ја посети Украина и рече дека Бајден не дејствувал доволно брзо за да и помогне на земјата.

Републиканецот од Калифорнија нагласи дека ја поддржува Украина, но не и бланко чек за Киев, пренесува американската телевизија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за Си-Ен-Ен им се заблагодари на грузиските граѓани што го носеле знамето на неговата земја за време на демонстрациите во вторникот и средата.

Тој најави дека Украина сака членство во Европската унија, но сака и Грузија и Молдавија да бидат таму и дека е убеден дека тоа ќе се случи.

Украинскиот лидер зборуваше и за тоа како тој и неговото семејство се справуваат со војната, која влезе во втората година.

„Ќерка ми се запиша на факултет и таму студира, а син ми оди на училиште во Украина. И двајцата се во земјава. Тие се многу слични на другите украински деца. Живееме со сирени“, рече Зеленски.

Тој на крајот рече дека Украина сака војната да заврши и е решена да победи во овој конфликт.

„Сакаме да победиме. Не сакаме да се навикнеме на војна, но се навикнавме на предизвици. Сите сакаат едно, да заврши војната“, нагласи Зеленски.

09.03.2023 - 10:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега