Зелен хуман град најавува мирен протестен марш за труењето од рудникот Тораница

 

 


Зелен хуман град најавува мирен протестен марш во 12:30 ч. во сабота (12 април) што ќе започне пред Министерството за животна средина и просторно планирање поради, како што велат, алармантниот молк и неодговорното постапување на надлежните институции во врска со хаваријата и истекувањето на токсични материи од рудникот Тораница во Крива Река.

„По хаваријата, ЗХГ поднесе барања за слободен пристап до информации од јавен карактер до Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Центарот за јавно здравје Куманово и Општина Крива Паланка.

Наместо одговори, се соочивме со загрижувачки факти:

Дури два дена по нашето барање за информации, ДИЖС за првпат назначи овластено лице за слободен пристап до информации, што е директно кршење на Законот.

Објавеното Решение за надзорот спроведен од ДИЖС во рудникот Тораница е нецелосно, полно со недоследности и грешки и не наложува соодветни мерки или санкции пропорционални на хаваријата.

Клучни информации за инспекцискиот надзор, како на пример, земање примероци од акредитирана лабораторија (што е законска обврска), не се споменати во Решението.

ДИЖС блокира активистички групи и граѓани на социјалните мрежи (меѓу кои и ЗХГ) и оневозможи коментирање, покажувајќи отсуство на волја за дијалог со загрижената јавност“, соопштуваат од Зелен хуман град.

Истовремено додаваат дека Центарот за јавно здравје Куманово во завиена форма им одговорил дека ниту една институција не побарала од нив да извршат анализи на водата и почвата по хаваријата, но не им одговорил на барањето во целост.

„Деградирачки е, што воопшто објаснуваме зошто ова е комплетно недозволиво од некој што е платен од нас, граѓаните, да нè штити“.

Нагласуваат дека граѓаните имаат уставно загарантирано право на чиста животна средина, а институциите имаат обврска да го штитат тоа право и да обезбедат навремени и точни информации, да делуваат ажурно и професионално, особено кога постои ризик здравјето на граѓаните.

Бараат транспарентност и конкретни податоци за степенот на загадувањето, преземените мерки и одговорноста за инцидентот.

Бараат од ДИЖС, МЖСПП и Центарот за јавно здравје Куманово најдоцна до среда, 9 април 2025 година, јавно да ги објават и да им ги достават сите информации кои ги ги имаат побарано преку барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер.

 

Не бараме информации што институциите веќе не ги поседуваат. Општина Крива Паланка веќе ни одговори што значи дека можеа и останатите институции да ни одговорат до денес. Затоа, доколку информациите не бидат објавени до наведениот рок или доколку одговорите се манипулирачки и нецелосни, организираме мирен протестен марш во сабота (12 април) во 12:30 ч. што ќе започне пред Министерството за животна средина и просторно планирање“, потенцираат од Зелен хуман град.

08.04.2025 - 19:33

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега