Водечки научници предупредуваат: Глобалното затоплување забрзува со невидено темпо

Глобалното затоплување се забрза до ниво „без преседан“, а рокот во кој треба да се ограничи се приближува, предупредија педесет водечки научници во студија, објавена во списанието Earth System Science Data. Во извештајот се истакнува дека просечната температура се зголемила за 0,26 Целзиусови степени од 2014 до 2023 година.

Во истиот период, просечната површинска температура била за 1,19 степени Целзиусови повисока во споредба со прединдустриското време од 1850 до 1900 година, кое се зема како референтно. Ова претставува значителен пораст во однос на претходното десетлетие до 2022 година, кога порастот беше 1,14 степени.

„Затоплувањето предизвикано од човечките активности расте со невидена брзина“, предупредува студијата, која е дел од серијалот периодични климатски проценки започнати за да се пополни јазот помеѓу извештаите на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC) на ОН, кои се објавуваат на секои шест години од 1988 година.

Истражувањето е објавено во време кога светските дипломати се состануваат во Бон на климатските преговори пред 29. Самит на КОП (COP) што ќе се одржи во Баку. Според Клучниот Париски договор од 2015 година, државите се обврзаа да го ограничат глобалното затоплување под два степени во однос на прединдустриското време, со поамбициозна цел од 1,5 степени.

Во извештајот се наведува дека температурата поради човечките активности веќе се зголемила за 1,31 степени. Дополнителен фактор на затоплување е намалувањето на бројот на загадувачките честички во атмосферата кои ја рефлектираат сончевата енергија назад во вселената. „Главната причина е намалувањето на загадувањето на воздухот, прво во Европа и САД, а потоа и во Азија, особено во Кина“, истакна Глен Петерс од норвешкиот центар за климатски истражувања CICERO. Построгите регулации на глобалниот транспорт и намалената употреба на јаглен за добивање енергија доведоа до намалување на емисиите на сулфур диоксид, кој има ефект на ладење.

Главниот проблем со глобалното затоплување се емисиите на стакленички гасови како јаглерод диоксид (CO2) и метан (CH4), кои се акумулираат во атмосферата и ја задржуваат топлината.

Научниците предупредуваат дека глобалното затоплување е најмногу последица на „емисиите на стакленички гасови кои се на највисоко ниво во историјата“. Годишните емисии помеѓу 2013 и 2022 година изнесувале 53 милијарди тони јаглерод диоксид и неговите еквиваленти, а овој број во 2022 година се зголемил на 55 милијарди тони.

Ова значи дека светскиот „јаглероден буџет“, проценетата количина на стакленички гасови што може да се емитира пред да се загрее планетата над границата од 1,5 степени, „брзо се намалува“, предупредува студијата. IPCC во 2020 година пресметал дека во тој „буџет“ останале 500 милијарди тони јаглерод диоксид. До почетокот на 2024 година, количината се намали на околу 200 милијарди.

Сепак, главниот автор на извештајот Пирс Форстер истакна дека постои „зрак оптимизам“ – брзината на раст на емисиите во последното десетлетие се намалува. Од друга страна, коавторот Пјер Фридлингштајн предупреди дека тоа не е доволно за да се избегнат климатските промени. – Не ни се потребни стабилни емисии. Потребно е тие да стигнат до нула, нагласи тој.

05.06.2024 - 19:28

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега