Во Европа за првпат е пронајден инвазивен вид пчели, последиците може да бидат сериозни

 

Колонија на инвазивната црвена џуџеста медена пчела е пронајдена за прв пат во Европа. Ова откритие на видот Apis florea во Малта ги зголеми стравувањата од можни сериозни последици.

Овие инвазивни пчели потекнуваат од Азија, а нивното појавување во Европа предизвика тревога кај локалните пчелари и чувари на природата кои стравуваат од катастрофални последици за родната популација на пчели, пишува Гардијан.

„Загрижувачки е што на Малта е пронајден Apis florea. Тие веројатно ќе се натпреваруваат за полен и нектар со нашите родни опрашувачи, група инсекти кои веќе се во опаѓање. Исто така, многу е веројатно дека овие пчели ќе пренесат повеќе болести на кои европските пчели може да имаат мал отпор“, предупреди Дејв Гулсон, професор по биологија на Универзитетот во Сасекс.

Претходните извештаи покажуваат дека инвазивните црвени џуџести медоносни пчели полека се шират од Азија до Блискиот Исток и североисточна Африка, но до сега не беа регистрирани во Европа.

Откако колонијата беше откриена и идентификувана и беше потврдено дека се работи за вид Apis florea, веднаш беше отстранета и уништена. Сепак, истражувачите се сомневаат дека група пчели веќе ја напуштиле кошницата за да започнат нова колонија.

Близината на колонијата до слободното пристаниште Бирзебуг, главниот карго центар на Малта, сугерира дека пчелите можеби пристигнале со трговски брод.

Истражувачите веруваат дека благите зими во Малта и другите јужноевропски земји го поддржуваат опстанокот на овој инвазивен вид.

Џулијана Рангел, професорка по пчеларство на Универзитетот А&М во Тексас, истакнува дека за само неколку години овој вид би можел да се прошири на други места.

„Единственото нешто што можеме да го направиме е да бидеме внимателни, да известуваме секој пат кога ќе се забележат нови или различни примероци, да ги отстрануваме кога тие се позитивно идентификувани, да ја пребаруваме околината и да продолжиме со мониторингот, особено во влезните пристаништа каде што роевите можат да патуваат со бродови“, додава Рангел.

 
30.08.2024 - 10:59

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега