(ВИДЕО) Заменик-министерот Нухиу се паркира на булевар во спротивна насока

 

Заменик – министерот за образование Агим Нухиу повеќе од две недели службеното „бмв“ место на паркинг си го остава на крајната десна лента на булеварот „Св. Кирил и Методиј“, пред влезот на Министерството сместено во поранешна НИП „Нова Македонија“. Вработени во истата зграда велат дека со часови, секојдневно, автомобилот стои паркиран на коловозот. Има и уште неколкумина, охрабрени од заменик – министерот кои си ги оставаат автомобилите пред или зад неговиот и постојано се прави тесно грло во сообраќајот во тој дел на булеварот.

„Речиси без исклучок се паркира пред влезот и тоа во спротивна насока. Доаѓа од Тетово, преминува преку двете полни ленти на булеварот, но никој не го чепка. На автомобилот има и флешери, па очигледно никој не се осмелува ниту да го сопре“, велат вработени во зградата во кој има неколку државни институции.

Во изјава за „Макфакс“ Нухиу се правда дека е можно автомобилот инцидентно да бил оставен на улицата. Го добил пред скоро време како службен и ги наследил флешерите.

„За службениот автомобил има паркинг место зад зградата и тој не треба да стои паркиран пред влезот. Може се случило нешто инцидентно, за кратко време да остане таму, но се трудиме да не го спречуваме сообраќајот. Јас имам возач и не сум посветил посебно внимание дали кога врти преминува преку двете полни ленти. Правилата треба да се почитуваат и важат и за моето службено возило. Во ниту еден случај не би го искористил моето претходно искуство како министер и заменик-министер во МВР за да спречам да ме казнат, а тоа што возилото има флешери е само поради тоа што такво го добив“, вели заменик – министерот Нухиу.

Од Министерството за образование, пак, велат дека флешерите се веќе отстранети од автомобилот на заменик – министерот.

„Службените возила никогаш не се паркираат пред зградата на МОН, затоа што за сите се обезбедени паркинг места на просторот на ЈП ‘Градски паркинг’ од другата страна на улицата, додека за министерот и заменик – министерот се обезбедени паркинг места од задната страна на зградата.

Може да се случи возило при итна или непредвидена ситуација за момент да застане за да се симне лице кое се вози во истото, каков што бил и случајот со заменик министерот. Инаку, заменик министерот има еден возач на располагање, а флешерите кои сте ги забележале, биле во возилото инсталирани пред неговото назначување на работната позиција и истите се веќе отстранети“, велат од Министерството.

Агим Нухиу е поранешен заменик – министер за внатрешни работи, а беше и министер за внатрешни работи во пржинската Влада. Тој до март беше и заменик – министер за правда.

10.05.2023 - 17:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега