(ВИДЕО) Возила паѓаат во река - се урна мост во Виетнам

 


Обилните дождови продолжија во северниот дел на Виетнам откако тајфунот „Јаги“ ја погоди таа земја, кој предизвика лизгање на земјиштето, поплави, големи материјални штети, прекин на електричната енергија, а загинаа најмалку 21 лице и 299 се повредени, објавија денеска државните медиуми.

Сообраќаен мост над надојдената Црвена река во провинцијата Фу То утрово се урна. Неколку возила паднале во реката, а три лица биле спасени и пренесени во болница.

Во неделата шест лица, меѓу кои и едно бебе, загинаа во лизгање на земјиштето во градот Са Па, а девет беа повредени.

Во главниот град Ханој работници чистеа откорнати дрвја, паднати билборди и соборени столбови за струја. Во северозападниот дел на Виетнам продолжија обилните врнежи, а синоптичарите најавија дека на некои места може да наврнат и рекордни 40 сантиметри дожд.

Тајфунот „Јаги“ беше најсилниот тајфун што го погоди Виетнам во последните децении, а во саботата ја опустоши земјата со удари на ветер до 149 километри на час. Во неделата ослабна до тропска бура, но метеоролошката агенција на земјата сè уште предупредува дека континуираните врнежи може да предизвикаат поплави и лизгање на земјиштето.

Најмалку три милиони луѓе останаа без струја во провинциите Куанг Нин и Хаифонг.

„Јаги“ оштети и земјоделско земјиште, близу 116.192 хектари, каде најмногу се одгледува ориз.

Пред да удри во Виетнам, „Јаги“ предизвика најмалку 20 смртни случаи на Филипините минатата недела, како и три смртни случаи во Кина.

Бенџамин Хортон, директор на Земјината опсерваторија во Сингапур, рече дека бурите како тајфунот „Јаги“ „се посилни поради климатските промени.

09.09.2024 - 10:58

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега